Skip to main content

За првпат по децении Гостивар ќе има бактериолошки исправна вода за пиење

Претседателот на владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска изјави дека процесот за нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар е во завршна фаза и изрази очекување дека уште денес граѓаните ќе добијат вода што ќе биде безбедна не само за техничка употреба, туку и за пиење и подготовка на храна.

Одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата од опозицијата во врска со состојбата со водоснабдувањето и спроведувањето на процесот на хиперхлорирање, Мицкоски нагласи дека Владата реагирала веднаш по настанатиот проблем и презела конкретни мерки за заштита на граѓаните.

Како држава обезбедивме чиста вода за пиење за жителите на Гостивар. Им благодарам на сите општествено одговорни компании и поединци кои се вклучија со донации и помогнаа во оваа ситуација – изјави премиерот.

Тој повтори дека, според досегашните информации, до загадувањето дошло поради несовесно постапување на вработени во ЈП „Водовод“ – Гостивар, кои, како што рече, со цевки и пумпи префрлале вода од реката директно во главниот резервоар.

Обвинителството веќе постапува по случајот. Има лица кои се обезбедени и сослушани, а очекувам истрагата дополнително да се прошири – рече Мицкоски.

Во моментов, процесот на хиперхлорирање го спроведуваат стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додека паралелно секојдневно се земаат мостри и се вршат лабораториски анализи за да се потврди исправноста на водата.

Премиерот оцени дека состојбата значително се подобрува и изрази надеж дека Гостивар наскоро ќе има целосно бактериолошки исправна вода за пиење.

Верувам дека за првпат по многу години граѓаните ќе користат вода која е целосно бактериолошки исправна. Сепак, потребно е уште малку трпение, бидејќи процесот се спроведува внимателно и согласно сите здравствени стандарди – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека очекува уште во текот на денот, покрај техничката вода која веќе им е достапна на граѓаните, да биде овозможено и користење вода за пиење и готвење.

Поврзани вести