Skip to main content

Мицкоски: Време е за ресет на системот, судиите мора да судат според законот, а не според партиски влијанија

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Илинден, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. Мицкоски зборуваше на темата за судството во земјата при што посочи дека време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот туку начин на живот. Тој кажа дека системот кој СДСМ го создаде, со вградени кочници во институциите, го кочат напредокот.

,,Моментот што го чекале генерации е пред нас и затоа велиме дека сега е времето за ресет на системот. Време е да ги скршиме ланците на неправдата и конечно да изградиме држава на правда, слобода и држава која што ќе се грижи за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин, брза, достапна и ефикасна“, вели Мицкоски.

Мицкоски истакна дека СДСМ ја претвори државата во партиски бизнис и систем кој ги гуши институциите, систем на двојни аршини, а додаде и дека истото мора да заврши.

,,Слободата не е само збор во Уставот, туку начин на живот, слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. СДСМ ја претвори државата во свој приватен имот, партиски, бизнис и мафијашки систем кој ги гуши институциите, ја кочи правдата и го понижува народот“, рече Мицкоски и додаде:

,,Систем на двојни аршини, политички прогон и тендери во мрак. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат државата, кочници вградени во институциите, кои делуваат тајно или откриено и го кочат напредокот на секое едно семејство. На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции, па дури и низ различни етнички заедници. Тоа мора да заврши“.

Мицкоски кажа дека ресетот на системот нема да е политички, туку институционален, и мора да има правда и одговорност.

,,Овој ресет нема да биде само политички. Тој ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има правда и таа ќе биде брза. Ќе има одговорност и таа ќе биде вистинска одговорност. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста, достоинството и она што ни е важно е да имаме систем на кој што сите ние гордо ќе му служиме. Затоа драги браќа и сестри, на овие избори не бирате само градоначалник туку и давате енергија за големи промени по изборите“, заклучи Мицкоски.

Поврзани вести