
Премиерот Христијан Мицкоски денес го посети најстариот спортски комплекс Соколана во Куманово. Обелодени дека Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата.
Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој (Соколана). Ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на советниците, на администрацијата која што ја поддржува успешната работа на градоначалникот овде во Куманово. Убеден сум дека таа ќе биде побројна во периодот којшто следи и таа успешна соработка ќе продолжи. За неговата работа како градоначалник можев да се уверам и од оние сведочења коишто ги пренесоа сопствениците или стопанствениците коишто претходно ги посетивме во двата стопански објекта, коишто претходеа на посетата на овој објект таканаречен „Соколана“. Тие навистина кажаа, би рекол, исклучително вонредни позитивни коментари за тоа што сè Општината, градоначалникот и администрацијата прават за нивните инвестиции да бидат поуспешни, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека заедно Владата, Општината и градоначалникот прават исклучително добри работи и ќе продолжат да прават исклучително добри работи за Куманово.
Би сакал исто да се заблагодарам и на пратениците коишто доаѓаат од Куманово, коишто се борат за Куманово, да Куманово има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата. И јас навистина можам да кажам дека таквата борба инспирира, ние како Влада ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме овие иницијативи за да можат кумановци да добијат што е можно повеќе проекти, проекти коишто ќе значат подобар живот и поквалитетен живот овде во Куманово. Така што еве градоначалникот конкретно за овој објект објасни, околу 700 илјади евра ќе чини реконструкцијата на објектот и враќање во првобитната положба. Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект, рече Мицкоски.