Skip to main content
Zg03gjRCSi8

Мицкоски: Владата е активен партнер на стопанството, создаваме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура и квалитетно образование

Денешниот форум е многу повеќе од уште една конференција посветена на економијата. Тој е можност да разговараме за тоа како ја гледаме иднината на нашата држава и каква економија сакаме да изградиме во годините што доаѓаат, рече премиерот Мицкоски во своето денешно обраќање.

Во последните години зборот „одржливост“ стана еден од најчесто употребуваните поими во светската економија. Но, зад тој збор не стои само нова регулатива, нов стандард или нов административен процес. Зад него стои една суштинска промена во начинот на кој функционира светот. Денес успешни не се само компаниите кои произведуваат квалитетен производ. Успешни се оние кои знаат како одговорно да управуваат со ресурсите, како да инвестираат во своите луѓе, како да создаваат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите.

Токму затоа, кога зборуваме за национална визија за одржлив развој, не зборуваме само за екологија. Не зборуваме само за зелени политики. Не зборуваме само за усогласување со европските стандарди.

Зборуваме за модел на економски развој кој создава сигурност. За држава која е отпорна на кризи. За институции кои создаваат доверба. За стопанство кое е способно да се натпреварува на најразвиените пазари. За економија која создава можности за младите да останат овде, да основаат компании, да инвестираат и да ја градат својата иднина дома.

Денес светот е значително поразличен од оној што го познававме пред само неколку години. Војните, енергетската криза, нарушените синџири на снабдување, инфлациските притисоци и новите геополитички поделби покажаа дека економската стабилност повеќе не може да се зема здраво за готово.

Во такви услови, одржливоста престанува да биде избор. Таа станува предуслов за конкурентност.

Компаниите што навремено ќе се прилагодат ќе имаат пристап до нови пазари, до нов капитал и до нови инвеститори. Оние што ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и знаење ќе бидат компаниите што ќе го водат економскиот развој во следната деценија.

Токму затоа, Владата ја гледа својата улога како активен партнер на стопанството. Наша обврска е да создадеме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура, квалитетно образование и регулаторна рамка што нема да ги кочи инвестициите, туку ќе ги поттикнува.

И кога зборуваме за резултати, не зборуваме за бројки сами по себе. Зад секој економски показател стојат илјадници човечки приказни. Стои нечија нова работа. Стои новоотворена фабрика. Стои повисока плата. Стои семејство кое полесно ги покрива месечните трошоци. Стои млад човек кој одлучил својата иднина да ја гради овде.

Затоа е важно да ги погледнеме фактите.

Често пати велат, не се споредувајте со минатото, но ние мора да се споредуваме со минатото затоа што ако не се споредуваме со минатото тогаш, не знаеме каде одиме, дали сме подобри од тоа минато или сме полоши, па така бројките и статистиката се некогаш немилосрдни, а јас како инженер често пати се повикувам на бројки и сакам да разговарам за бројки.

Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти на реалниот БДП и нешто под 6% на номиналниот БДП. Денес имаме сосема поинаква динамика. Во 2024 година економијата порасна за 3 проценти, во 2025 година за 3,5 проценти, што е отприлика двојно, и номиналниот во последните неколку квартали расне со динамика од над 8%. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, на стабилизирањето на јавните финансии, на активната поддршка за инвестициите и на заедничката работа со приватниот сектор.
Исто така ако ги споредиме бројките и во инфлацијата, споредиме две кризи коишто ни се случија најголема би рекол енергетска криза во светот и онаа криза кога започна војната во украина во 2022 година тогаш исто така споредбата е немилосрдна, ако тогаш просечната инфлација беше двоцифрена односно беше нешто на 14% сега зборуваме за просечна инфлација од 4,5% којашто очекувам до крајот на годината да биде под 4%.

Но, најважниот економски показател не е само растот на БДП. Најважниот показател е дали луѓето живеат подобро.

Во 2024 година номиналниот раст на платите изнесуваше 12,6 проценти, во 2025 година 9,6 проценти, а и оваа година очекуваме раст од над 8 проценти, притоа немаше политички интервенирање на пазарот на трудот, односно да се наметнуваат вредности на минималната плата коишто дополнително можеби би го оптовариле стопанството, нешто што беше случај во минатото.

Уште поважно е што по долг период повторно имаме реален раст на примањата. По падот на реалните плати во 2022 година од 2,9 проценти, во 2024 година тие пораснаа за 8,8 проценти, а во 2025 година за дополнителни 5,3 проценти. Тоа значи дека економскиот раст не останува само статистика. Тој постепено се претвора во подобар животен стандард за граѓаните.

Во изминатиот период сервисиравме 4,4 милијарди евра јавен долг, а до крајот на оваа година доспеваат уште 983 милиони евра обврски кои исто така ќе бидат навремено исполнети. Тоа испраќа силна порака до финансиските пазари, до инвеститорите и до меѓународните институции дека државата е сигурен и кредибилен партнер.

Но, ова не го кажувам за да создадам чувство на задоволство од постигнатото.

Напротив.

Ова треба да биде основа од која ќе продолжиме понатаму.

Нашата цел не е само повисок раст.

Нашата цел е поквалитетен раст.

Во таа насока, одржливоста не ја гледаме како административска обврска што доаѓа однадвор. Ја гледаме како развојна можност.

Затоа ќе продолжиме да ги поддржуваме компаниите во нивната зелена и дигитална трансформација. Ќе работиме на подобар пристап до финансии, на намалување на административните процедури, на подобрување на инфраструктурата, на поголема поврзаност со европските пазари и на создавање кадар кој ќе може да одговори на потребите на современата индустрија.

Сакам да ја изразам мојата благодарност до Европската Унија, Обединетите Нации и сите наши меѓународни партнери кои продолжуваат да ја поддржуваат модернизацијата на институциите и економскиот развој на државата. Но, исто така, сакам искрено да им се заблагодарам и на македонските компании, на претприемачите, работниците и менаџерите кои секој ден покажуваат дека знаењето, упорноста и чесната работа се најсилната развојна стратегија, вие сте нашите херои бидејќи денеска да се обезбеди редовна плата, да се обезбеди работно место повеќе, да се обезбеди квалитетно работно место повеќе претставува вистински патриотизам и визија како треба и каде треба да се развива македонската економија.

Нашата визија е јасна.

Да изградиме држава во која успехот нема да зависи од привилегии, туку од знаење.

Држава во која институциите ќе бидат сервис на стопанството.

Држава која ќе биде препознаена по иновациите, по квалитетот на своите производи, по чесното работење и по конкурентната економија.

Држава која ќе биде доволно силна да ги издржи кризите и доволно мудра да ги препознае можностите што тие ги носат.

Убеден сум дека имаме знаење, имаме капацитет, имаме стопанство кое сака да расте и имаме луѓе кои заслужуваат подобра иднина.

Да продолжиме да ја градиме таа иднина заедно.

Поврзани вести