
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов наместо да биде вистински борец за правата на работниците, се пресметува со него и со Владата.
Оваа Влада е можеби единствената Влада во историјата на независна демократска Македонија која што не доби 100 дена. Од прв ден бевме нападнати. Од втор ден бевме нападнати. Перјаница на целиот тој процес беше лицето кое што го споменавте, кој што ја злоупотребува институцијата. Таа институција, и знам дека сигурно сите не се истомисленици во раководството. Сигурно знам. За жал, наместо вистински борец за правата на работниците, тој отпочна да се пресметува со мене и со Владата, рече премиерот на новинарско прашање при денешната посета на Општина Студеничани.
Како што нагласи Мицкоски, денеска последниот штит на поранешната владина коалиција, а денешна опозициска коалиција Левица, ДУИ и СДСМ се неколку судии, обвинители и Трендафилов.
Тоа е последниот браник на некои минати времиња и на денешната опозициска коалиција. Ние како Влада имаме принципиелен став и ќе се држиме до нашите принципи, рече премиерот Мицкоски.
Работниците ќе видат кој ги манипулира и лаже за минималец, кажа порано денеска на прес-конференција, пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, споделувајќи информации од, како што рече незадоволни членови на ССМ, според кои „Трендафилов и луѓето околу него имаат месечни примања двојно и тројно поголеми од една минимална плата“.
Почнуваме со демаскирање на Слободан Трендафилов, претседател на ССМ и неговите соработници, со информации што до нас ги доставија членови на ССМ кои се незадоволни од неговиот апашлук. Работниците се револтирани, затоа што додека ги манипулира Трендафилов, тој и луѓето околу него имаат месечни примања од над двојно и тројно поголеми од една минимална плата. Дали синдикалецот на батерии на СДС и Левица, Трендафилов, со 75 илјади денари месечно во џеб ги манипулира работниците за минималец?, изјави пратеникот на прес-конференција денеска во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.