Skip to main content

Мицкоски со честитка за Курбан Бајрам: Борбата за подобра иднина да бидат нашата заедничка водилка

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати честитка до пoглаварот на Исламска Верска Заедница, Реис Ул Улема Шакир ефенди Фетаху, по повод денешниот празник Курбан Бајрам.

„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам муслиманскиот празник Курбан Бајрам, Вам и на сите граѓани припадници на исламската заедница и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, мир, благосостојба и спокој во Вашите срца и домови.

Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини.

Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.

Нашата заложба е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција. Тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно.

Како Влада за краток период успеавме да ја трансформираме државата, преку дијалог и соработка да реализираме проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените“, пишува во честитката.

Поврзани вести