
Денес во Гевгелија, заедно сведочиме на исполнување на едно големо ветување. Го пуштивме во употреба капиталниот проект-улицата „Свети Климент Охридски“, обиколницата која претставува нов современ западен булевар и е директна артерија за сообраќајниот и економскиот живот на Гевгелија.
Ова беше приоритетен проект од програмата за работа уште во 2021 година. И денес, само неколку години подоцна, го гледаме реализиран. Со вредност од над 120 милиони денари или околу 2 милиони евра, оваа улица не е само нов асфалт, туку симбол на нашата решителност, дека ветувањата не се даваат за да се заборават, туку за да се исполнат.
Паралелно со овој проект, во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од Булеварот „Гевгелија“, заедно со натпатникот на улицата „Железничка“ и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари. Дополнително, во завршна фаза е и изградбата на кружната крстосница на влезот во Гевгелија, со нов мост над каналот „Рауљ“, како и дислокација на дел од каналот под крстосницата, проект вреден повеќе од 27 милиони денари.
Денес испраќаме порака- продолжуваме да вложуваме, да градиме, да го менуваме лицето на секој град, секое село и секоја општина во Македонија. Бидејќи тоа го ветивме. И ветувањата мора да ги исполниме.