Skip to main content

Мицкоски: Преку поддршката за општините се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти

Преку политиката за финансиска поддршка на општините и пренасочување средства од централниот буџет кон локалната самоуправа се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти, што досега не се случило во државата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Дебрца, Златко Сиљаноски, изврши увид во градежните работи за реконструкција на два локални патни правци во селата Мешеишта и Волино.

Тој истакна дека дел од проектите веќе се реализирани, дел се во тек, а дел се во фаза на подготовка, нагласувајќи дека станува збор за најобемниот инвестициски циклус во локалната инфраструктура.

„Станува збор за околу 1.200 проекти, нешто што досега не се случило. Кога на тоа ќе се додадат и сите останати капитални инвестиции, доаѓаме до навистина импресивен начин на водење и реализација на капиталните инвестиции“, рече Мицкоски.

Според него, ваквите проекти директно ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните.

„Добро е кога се работи, добро е кога се пуштаат проекти, добро е кога се отпочнуваат проекти. Кога тие ќе ја добијат својата финална форма, драматично ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се зголеми додадената вредност за сите граѓани“, изјави премиерот.

Тој им се заблагодари на градоначалникот на Дебрца, на општинската администрација, на пратениците од регионот и на министерот за транспорт за, како што рече, посветеноста во реализацијата на инфраструктурните проекти.

Поврзани вести