
Денес, со длабока почит и искрена благодарност, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за образование и наука Проф д-р Весна Јаневска, положивме свежо цвеќе пред вечниот покој на македонскиот великан Гоце Делчев, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, напиша на својот фејсбук профил Премиерот Христијан Мицкоски.
122 години не се само бројка, тие се вековно сведоштво за жртвата, визијата и неуморната борба на човекот што веруваше во слободата, во правдата и во достоинството на својот народ. Гоце Делчев не беше само револуционер, тој беше идеја, пламен што и ден денеска гори во срцата на сите кои ја љубат Македонија.
Неговите зборови дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите ни се вечен завет, да се бориме со знаење, со достоинство и со единство за напредна, праведна и горда Македонија.
Да не дозволиме времето да ги избрише вредностите за кои тој се бореше. Да го чуваме сеќавањето на неговото дело и да ги втемелиме неговите идеали во иднината што ја градиме за нашите деца.