Skip to main content

Мицкоски: Двојно зголемен буџетот за науката, околу 680 милиони денари за научни трудови

Влада

Науката за Владата е многу важна и е еден од столбовите на државноста, затоа за оваа година, споредено со 2024 година, за двојно е зголемен буџетот за науката, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Науката ни е многу важна. Покрај физичкото образование, се разбира дека и науката е еден од столбовите на државноста и многу значаен сегмент, бидејќи без силна наука – нема иднина. Јас доаѓам од науката, од високообразовна институција, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Можам со задоволство да кажам дека оваа година, споредено од 2024 година, речиси двојно е зголемен буџетот за науката и за проектите што се дел од науката. Ако минатата година тоа беше нешто над 5,5 милиони евра, некаде околу 340 милиони денари, сега е некаде околу 660–670 милиони, 680 милиони денари, одговори премиерот на новинарско прашање, по поставување камен – темелник за спортска сала во Долно Лисиче.

Тој рече дека можеби и тоа е недоволно, но, е многу повеќе од некогаш.

Периодот што следи, дополнително ќе се фокусираме на финансирање на науката. Јас ги повикувам сите високообразовни институции, приватниот сектор, Академијата на науките и сите останати да се вклучат и да поднесат свои проекти што ќе бидат иновативни, научни, со што ќе успееме да покажеме – дека и ние сме, во научна смисла, рамо до рамо со развиениот свет, додаде премиерот.

Целта на Владата во овој мандат била универзитетите да бидат на едно повисоко ниво, барем во првите илјада на следното рангирање на Шангајската листа.

Од тие проекти, научни и апликативни, очекувам да има многу научни трудови што ќе бидат публикувани во научни списанија со фактор на влијание. А со самото тоа и универзитетите ќе бидат на едно повисоко ниво на следното рангирање на Шангајската листа. Знаете, наша цел е да бидеме, во овој мандат, барем во првите илјада. Но, тоа не зависи само од Владата, тоа зависи, се разбира и од универзитетите. Работиме на многу честа основа и со Министерството за образование и со универзитетите и се надевам дека оваа цел ќе биде исполнета, истакна премиерот.

Поврзани вести