Skip to main content

Маневски: Ќе изградиме нова индустриска зона во Зелениково

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Коста Маневски, кандидат за градоначалник за општина „Зелениково“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дел од реализираните проекти во општината за време на неговиот четиригодишен мандат.

„Успеавме да ја реконструираме главната локална улица во должина од 3500м од Орешани до Станица Зелениково, асфалтиравме три нови улици во Пакошево, реконструиравме локален пат во Ново Зело, асфалтиравме и локален пат во Орешани кој води до индустриската зона Џамбовица, извршивме реконструкција на патот до Страхојадица, и на дел од патот во Бабин Дол, изградивме нови пешачки патеки и тампонирање на патот до селата Тисовица, Гумалево, Дејковец и Добрино како и тампонирање на земјоделски патишта. Набавивме и нови возила за собирање и транспорт на отпад кои се со различна кубикажа. Сите училишта, централното и подрачните, беа предмет на реконструкција. Обезбедив бесплатни униформи за учениците. Изградивме четири нови детски паркови, поставивме и нови модерни, инклузивни автобуски постојки“, истакна Маневски.

Маневски исто така и наброи дел од проектите на изборната програма.

„Прво инвестиравме во економијата и новите работни места. Создаваме нова индустриска зона помеѓу Таор и Р’жаничино, формираме локален бизнис-центар кој ќе ги поддржи младите претприемачи со едукација, пристап до фондови и грантови. Второ инвестираме во образованието и младите. Продолжуваме со дигитализација на училиштата, набавка на паметни табли, компјутери и проектори. Финансираме младински проекти, воведуваме стипендии до 15.000 денари, градиме нова спортска сала во Зелениково и мултифункционално игралиште во Пакошево. Го регулираме коритото на Зелениковска Река, за безбедна и уредна околина. Ветувам нова индустриска зона! Ветувам изградба на спортски комплекс Јурија, парцели за млади брачни парови за домување, ќе изградам нов пат помеѓу Таор и Пакошево“, посочи Маневски.

Маневски на крај повика да се направи вистинскиот избор и да се заокружи бројот 9.

„Затоа направи го вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина, заокружете број 9“, рече Маневски.

Поврзани вести