
„Не сакам да бидам разбран погрешно, но, јас сум задоволен од платата која што ја примам и сум бил задоволен, бидејќи јас од платата не живеам“, изјави синоќа градоначалникот на Општина Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски запрашан за фактот дека Сојузот на синдикати во средата во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица.
Димитриевски во дебатна емисија изјави дека создавал и се занимава со приватен бизнис од 1998 година.
-Јас поради политика, го оставив тоа. Работев во странство како и многу други мои граѓани, инвестирав паметно и умно и затоа од политиката не живеам. Затоа и во политиката секогаш сум се чувствувал слободен, на секој да му кажам тоа што мислам. Од друга страна, ако направите анализа на платите на функционерите во регионот, дали тоа ќе ги земете пратениците, министрите, градоначалниците, ќе дојдеме до заклучок дека Македонија е во најмалата група на личниот доход што го примаат, кажа претседателот на ЗНАМ во „Клик плус“.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пак велат во таканаречената „тендер коалиција“ на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ никој не живее од плата, туку од јавни пари.
„Со ваквата политика, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра“, се наведува во соопштението.
„Додека работниците се борат за леб, Димитриевски јавно си призна дека не живее од плата“, порачаа од „Бихаќка“

Македонски



