
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа настан по повод промовирање на петгодишната програма 2026–2030 на УНФПА за државата насловен- Демографски трендови – заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Настанот го отвори Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој истакна дека програмата не е само документ или формалност, туку е план за дејствување – визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани.
Кога зборуваме за ресурси, често споменуваме рудни богатства, финансии, инфраструктура, енергенси, води или природни богатства. Сето тоа е значајно. Но, најважниот ресурс, ресурсот кој ги движи сите други – тоа е човечкиот капитал. Нема ништо без луѓето. Нема ништо без народот и без демографијата. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот– тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите,“ истакна Мицкоски.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека со новата петгодишна програма 2026–2030, одобрена од Владата и Извршниот одбор на УНФПА, Македонија влегува во ново поглавје.
Нашата цел е едноставна, но голема: да инвестираме во луѓето, во нивниот потенцијал, во нивната иднина. Да ги поддржиме младите за да имаат шанса да учат, да работат и да успеваат токму овде, дома. Да ги охрабриме оние кои заминале да се вратат за да донесат знаење, идеи и нова енергија во земјата. Да ги зајакнеме семејствата бидејќи тие се коренот на секое здраво и стабилно општество. Да создадеме услови во кои секое дете, без исклучок, ќе има еднакви можности за раст и развој. Да изградиме локални заедници кои нудат квалитетен живот, за секој граѓанин да може да ја гледа својата иднина таму каде што живее. Но оваа визија не може да се реализира ако делуваме поединечно. За да успееме, мора да ја градиме иднината заедно. Kога државните институции, локалната самоуправа, граѓанските организации и бизнис-заедницата работат како едно, можеме да ја претвориме програмата во реалност,“ истакна Лимани.
Директорка на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер истакна дека новата Програма за државата е прослава на заедничка визија за демографски отпорно и социјално инклузивно општество.
Документот е усогласен со националните приоритети на Владата со стратешки фокус кон ставање крај на нееднаквостите, обврската да инвестираме во човечкиот капитал на Македонија и да обезбедиме просперитетна иднина за сите граѓани,“ истакна Бауер.
Петгодишната програма на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за периодот 2026-2030 година ќе ја презентираше Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на УНФПА во Македонија.
Програмата е одобрена од Владата на Република Македонија, усогласена со националните приоритети и заложби со фокус на Националната демографска стратегија 2024-2044 година, како и со Рамката за соработка за одржлив развој меѓу Република Македонија и Обединетите нации, стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата, во наредните пет години.