
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамките на настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации, посочи дека оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување, визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Човечкиот капитал, рече Мицкоски, е најважниот ресурс кој ги движи сите останати.
-Нема градинки без деца, нема училишта без ученици, нема универзитети без студенти, нема спорт без спортисти, нема земјоделие без земјоделци, нема општини без граѓани. Нема економија без работна сила, нема потрошувачка без потрошувачи, нема ништо без луѓето, нема ништо без народот и демографија. Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Во 1950-та година па до денес, бројот на родени деца постојано опаѓа. Во 1950-та имало над 50.000 новородени бебиња, во 2024-та имаме само околу 16.000 новродени бебиња. Кога овие деца ќе одат во прво одделение значи дека ќе имаме околу 150 училници празни, 250-300 наставници ќе останат без работа. Тоа е резултатот од оваа рецесија, рече тој.