Skip to main content
hIl7G3fBExQ

Кризата во ВЛЕН засега не се одразува во владината коалиција

Актуелниот министер за здравство и лидер на крило на АА Арбен Таравари, смета дека во партиите партнери во коалицијата Вреди има емотивни реакции по неговата одлука АА на локалните избори да има свои советнички листи. Додека според Тарвари, излегувањето од Вреди не мора да значи излегување од Влада, претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски, смета дека во политиката не може да седите на две столчиња, или можете да соработувате со власта и да се залагате за нејзините програми и политики или да соработувате со опозицијата и да станете опозиција. 

Во Собранието засега нема нова распределба на пратеници, а средба поврзана со тоа дали АА и министерот за здравство Арбен Таравари ќе останат дел од Владата се очекува да има во мај. 

Јован Митрески на Африм Гаши поладнево му ја примопредаде функцијата претседател на Собранието и му честита за изборот.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера на брифинг со новинарите, оцени дека во Собранието состојбата е „статус кво“ во однос на нова распределба на пратениците.

-Сега засега во Собранието е статус кво во однос на нова распределба на пратениците, се е како што било. Значи, сите пратенички групи кои се формирале на почетокот на овој нов собраниски состав продолжуваат да работат, а ако имаме нови промени ќе треба тоа официјално да го достават до службите и до мене, за да ги информирам потоа другите пратенички групи и пратенци, рече Гаши. 

Гаши за одлуката на крилото на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари да одат сами на локалните избори, а не со заеднички листи за кандидати за градоначалници и советници со коалицијата Влен нагласи дека во моментов нема нова ситуација во однос на прераспределба на пратеници во други групи.

Локалните избори, како што посочи спикерот Гаши, треба да се распишат кон крајот на јули или почеток на август. 

Изјава за медиуми на министерот за здравство Арбен Таравари по повод пуштање во употреба на новата компресорска станица за хируршките клиники.

Актуелниот министер за здравство и лидер на крило на АА Арбен Таравари, вчера одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово рече дека „не мора да значи“ напуштање на Владата, ако неговата партија излезе од Вреди затоа што, рече, „владата ја прави премиерот“.

-Премиерот формира Влада и тој одлучува дали Алијанса за Албанците треба да биде во Владата. Мислам дека треба, но ако тој смета дека не треба, ние немаме никаков проблем. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме, изјави Арбен Таравари прашан дали неговата партија ќе ја напушти Владата со евентуално излегување од коалицијата Вреди (Влен). 

Смета дека во партиите партнери во коалицијата Вреди има емотивни реакции по неговата одлука АА на Локалните избори да има свои советнички листи.

Средба поврзана со тоа дали АА и министерот за здравство ќе останат дел од Владата се очекува да има по 1 мај. Од премиерскиот кабинет за МИА, вчера посочија дека премиерот Христијан Мицкоски во моментов има редовна комуникација со членовите на Владата.

Поврзани вести