
Вчерашната лидерска средба кај премиерот Христијан Мицкоски испрати јасен сигнал дека постои политичка волја за решавање на неколку клучни системски прашања, пред сè укинувањето на Техничката влада и ставањето во функција на проектот „Сејф сити“. И покрај различните политички позиции, присутните партии покажаа подготвеност за компромис, особено околу законските решенија што треба да обезбедат поголема безбедност и функционалност на институциите.
Посебен акцент беше ставен на Законот за прекршоци, кој е неопходен за „Сејф сити“ да започне со работа од 1 февруари. Фактот што станува збор за двотретински закон, без потреба од Бадентерово мнозинство, отвора простор за побрза и поефикасна реализација, што беше препознаено и од учесниците на средбата.
-Она што за мене претставува моментално, акутно и за кое што во најскоро време треба да се најде решение, а мислам дека денеска на овој состанок успеавме да најдеме своевиден компромис, тоа е законот за прекршоци, да може „Сејф сити“ или Безбеден град да започне да функционира од први февруари онака како што е предвидено. Со носењето на овој закон, ќе повторам кој што е двотретински и за истиот не е потребно бадентерово мнозинство туку е двотретински закон. Мислам дека сите претставници денеска се согласивме, изјави вчера премиерот.

Во однос на Техничката влада, доминираше ставот дека овој модел го исцрпел своето значење и дека државата треба да покаже политичка зрелост и капацитет самостојно да носи одговорни одлуки. Предлогот за консултации со меѓународната заедница беше нотирана, но без да ја доведе во прашање суштинската согласност дека е време за напуштање на овој механизам.
-За Техничката Влада, сите денеска присутни се согласивме, имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но генерално сите се согласивме дека Техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност и пред меѓународната заедница дека сами можеме да носиме зрели одлуки, па така за мене ова е зрела одлука и мислам дека Тхничката влада треба да заминине во минатото, дециден е Мицкоски.
Иако отсуството на дел од опозицијата остави простор за политички критики, средбата сепак покажа дека околу стратешките теми постои минимум консензус, што може да значи почеток на пофункционален политички дијалог и конкретни чекори во наредниот период.

Македонски





