Skip to main content

Конгрес со тензии: СДСМ брои делегати, а Филипче ги брои критичарите

Социјалдемократскиот сојуз денеска во Скопје, во хотелот „Александар Палас“, го одржува 31. партиски Конгрес, кој според најавите ќе има отворен и работен дел, но се одвива во атмосфера на сериозни внатрешни тензии и јавни пресметки.

Конгресот ќе започне со отворен дел, по што ќе следи обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кое медиумите ќе можат целосно да го следат. По јавниот дел, Конгресот продолжува со работна сесија, затворена за јавноста.

Во пресрет на Конгресот, превирањата во опозициската партија не стивнаа. Филипче на прес-конференција пред два дена директно обвини дека поранешни членови и функционери на СДСМ „одработуваат за власта“, наместо да се фокусираат на, како што рече, лошите политики на актуелната власт. Според него, тие и понатаму ја држат партијата како главна мета.

Лидерот на СДСМ тврдеше дека критиките кон него и кон раководството доаѓаат од „поединци кои се уценети или купени“, нагласувајќи дека вистинското членство и симпатизерите ги препознаваат тие обиди за слабеење на опозицијата. Филипче порача дека нема намера да поднесе оставка, истакнувајќи дека ќе продолжи да се бори за „заздравување на општеството, искоренување на корупцијата и враќање на државата на европскиот пат“.

Истовремено, тој уверува дека СДСМ останува обединета партија, со компактна пратеничка група, додека процесот на внатрешна консолидација на општинско ниво, според него, е во тек.

Но, спротивни пораки доаѓаат од дел од поранешните високи функционери. Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, јавно побара Филипче да си поднесе оставка, додека поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, оцени дека актуелното раководство е единствено одговорно за незадоволството меѓу членството.

Од друга страна, потпретседателката и пратеничка Јованка Тренчевска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 изрази уверување дека Конгресот ќе биде успешен и дека ќе присуствува мнозинството делегати, и покрај, како што рече, обидите од одредени кругови во партијата да се саботира настанот.

Станува збор за отчетен Конгрес на СДСМ, на кој, според информациите, треба да се отвори и прашањето за исходот од локалните избори и одговорноста за изборните резултати.

Во декември минатата година, целото раководство на СДСМ си поднесе оставка, со исклучок на претседателот Венко Филипче, на негово барање. Оставка тогаш поднесе и заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска.

Поврзани вести