
Осми ноември, Митровден. За некого обичен датум во календарот, но за стружани длабоко врежан во колективната меморија. Ден кога градот ја дочекал светлината на слободата. Историјата нè враќа во 1944 година, во времето кога слободата не била само копнеж, туку надеж за нов почеток. Зад неа стоеле години окупација, неизвесност и отпор, жртви и храброст на луѓе кои верувале дека ќе дојде денот кога Струга повторно ќе дише слободно. И токму Митровден останал запаметен како денот кога градот ја отвори вратата кон едно ново поглавје од својата историја.

Од окупација до слобода – Струга во виорот на завршните воени операции
Во периодот на Втората светска војна (1941 – 1945), западниот дел на Македонија вклучувајќи ги и Струга и Струшко бил под окупација на Италија. По капитулацијата на Италија, воената и политичката состојба се промениле, а градот бил покорен од германски војници и вооружени балистички формации. Ослободувањето на Струга било дел од пошироката воена операција за воспоставување контрола врз Западна Македонија. По ослободувањето на Охрид, на 7 ноември, следувале борбите за Струга, а потоа продолжиле операциите кон Кичево и Гостивар.
Димитар Трифуноски, историчар во Музејот „Д-р Никола Незлобински“, за МИА вели дека ослободувањето на Струга, на 8 ноември 1944 година, претставува еден од најсветлите македонски историски триумфи, извојуван со заеднички, натчовечки напори во завршните операции за дефинитивно исфрлање на фашистичкиот окупатор.
– Крајот на октомври и почетокот на ноември 1944 година биле обележани со жестоки судири против германските нацистички сили и нивните локални балистички соработници. Во оваа воена епопеја, клучниот фактор за победата биле стратешките упоришта во Струшка Малесија, силниот логистички грб на Караорман и военото сојузништво на партизанските единици под капата на 48-мата македонска дивизија – смета Трифуноски.
Окупацијата донела промени во политичката и административната управа, а населението се соочило со воени ограничувања и неизвесност. Во такви услови, постепено се создавале предуслови за организирање на отпорот.
Патот до ослободувањето
Струшкиот регион не бил само подрачје во кое се одвивале завршните борби, туку и простор во кој се организирале и дејствувале единици што учествувале во поширокото ослободување на Македонија. Според историчарот Трифуноски, кога германските сили се повлекувале од Грција кон север, настојувале да ги зачуваат важните патни и железнички комуникации. За нив, Струга имала големо значење поради положбата во западниот дел на Македонија и врските со Охрид, Дебар и Кичево. Партизанските единици преземале активности за прекинување на тие комуникации и го ограничиле движењето на германските сили со уништување на делови од железничката пруга Струга – Кичево, железнички станици, мостови и телефонски линии.

– Борбените дејствија за Струга се разгореле во втората половина на октомври 1944 година. Германските сили ја утврдиле Струга како витална точка за безбедно повлекување на нивните воени сили од Грција кон Албанија. Пред силно забарикадираните германско-балистички позиции во Струшкото блато, здружено дејствувале Првата македонска ударна бригада и Четвртата македонска албанска ударна бригада. Двете единици биле во состав на 48-мата македонска дивизија, која пак оперативно припаѓала на Петнаесеттиот македонски корпус – појаснува Трифуноски.
Ослободувањето на Струга, на 8 ноември 1944 година, било резултат на заедничката борба на партизанските единици и поддршката од локалното население. Во завршните операции против германските окупаторски сили и нивните локални соработници, важна улога имале Првата македонска ударна бригада и Четвртата македонска албанска ударна бригада, кои дејствувале во рамките на 48-мата македонска дивизија. Струшка Малесија, Локов и Караорман биле значајни упоришта на отпорот, додека жителите на селата обезбедувале храна, засолниште и помош за ранетите борци. Борбите кај Мороишкиот мост и блокадата на градот биле дел од патот до конечната победа.
– Напредувајќи по ослободувањето на Охрид, двете бригади го стегнале обрачот околу градот. Поради силната фашистичка одбрана, партизаните ја држеле Струга под блокада на линијата кај Цигланата и стариот, тогаш дрвен Мороишки мост. На оваа точка се воделе крвави судири каде паднале и првите партизански жртви. Локацијата на Мороишкиот мост и денес е симбол на овој отпор, зачувана преку автентичната Спомен-чешма на ослободителите веднаш до современиот бетонски мост – раскажува Трифуноски.
Областа Малесија бастион на антифашистичката борба
Силниот патриотски дух на народот од Малесија, додава тој, овозможил Локов, селото во кое била формирана Првата македонска ударна бригада, да стане оперативен центар од каде се планирале нападите и се координирале движењата кон Струга. Локалното население масовно се приклучило во редовите на бригадата или активно дејствувало како штит за партизанските одреди. Планината Караорман, посочува Трифуноски, била важно упориште на антифашистичката борба. На 26 август 1944 година, на локалитетот Рудина, била формирана Четвртата македонска албанска ударна бригада, во чии редови се бореле припадници на повеќе националности: Македонци, Албанци, Македонци-муслимани, Турци и Власи. Учествувала во борбите кај Ќафасан, Радолишта и Заграчани, како и во нападот и ослободувањето на Струга. Нејзиниот Втор баталјон дејствувал во Струга и струшките села, а во завршните борби за ослободување на градот борците заедно со Првата македонска ударна бригада придонеле за победата.

– Борците на оваа единица војувале рамо до рамо со Првата македонска бригада во конечните улични борби за Струга, со што дале огромен заеднички придонес за слободата – додава Трифуноски.
Значајна поддршка на партизанското движење обезбедувало и населението од селото Буринец на планината Караорман. Мештаните обезбедувале храна, облека и засолниште, а во селото имало и импровизирани болници за ранетите борци од сите националности. По неколкудневни исцрпувачки борби, на 8 ноември во раните утрински часови, со силен и координиран фронтален напад од повеќе правци, германските трупи биле дефинитивно разбиени и натерани на повлекување кон Албанија, со што во Струга конечно осамнала слободата.
Во паничното повлекување кон границата со Албанија, преку превалецот Ќафасан, на излезот од Струга, Германците го направиле последното свое крваво злодело. Со тешко орудие го бомбардирале селото Радолишта, кое било речиси целосно опожарено, а многу домови урнисани до темел. Имало и голем број жртви.
Додека партизаните се пробивале кон градот и низ улиците на Струга се водела последната битка за ослободувањето, семејствата се криеле по подрумите од куќите молчејќи и чекајќи го крајот на окупацијата.
„Дошла слободааа“ – сведоштва за ослободувањето на Струга
Осмоноемвриското утро донело тишина и слика што генерации стружани ја паметат – Струга е слободен град. За миговите на ослободувањето, своите сведоштва и преданија од родителите за МИА ги пренесуваат стружаните Климент Матоски, кој слободата ја дочекал како четири и полгодишно дете и Димитрие Дурацовски, двајцата деца на партизани. Преку сеќавањата на нивните родители и личните спомени, со задоволство ги пренесуваат моментите од последните борби, неизвесноста, жртвите, но и радоста на утрото кога Струга ја дочека слободата. Преку сведоштвата и спомените, потомците сакаат да го сочуваат од заборав времето, подвизите и жртвите на генерацијата што ја извојува слободата.

Пензионираниот педијатар д-р Климент Матоски, роден во 1940 година, иако имал само четири и пол години во сеќавањето длабоко го зачувал денот на ослободувањето на својот роден град Струга, 8 ноември.
– Во длабока меморија ми се врежани неколку живи слики. Веднаш наспроти нашата беше куќата на едно од најценетите семејства во градот – Несторовци. Во чаршинскиот дел од куќата, имаа еден од најголемите дуќани во градот, го викавме „Магазата“ од Александар Нестор. Беше навистина градена од, за тоа време, необично цврст материјал. Додека траеја борбите и од сите страни се слушаа пукотници и експлозии од непријателските бомбардирања, комшиите од скоро целото маало два-три дена и ноќи бевме собрани и засолнети токму во таа голема и сигурна просторија. Нѐ имаше речиси дваесетмина, неколку постари мажи, повеќе жени и деца. Свесен сум дека звучи чудно, но убаво се присетувам на таа „слика“, особено и посебно поради фактот што на ќебето врз кое лежев, веднаш до мене, покрај мајка ми, баба ми и двете сестри на татко ми, лежеше и едно бебенце од нецели три месеци, мојата малечка сестричка Мирјана – раскажува Матоски.

Во еден миг, додава, се слушнал силен врисок и и страотен железен звук по што мајка му силно го гушнала. Домаќинот на куќата Гурко Нестор, дознал дека партизаните влегле во градот и однадвор ја подигнал железната ролетна.
– По кажување извикал „Излегвите лујџе, дошла слободааааа“. Испаничените комшии едвај се смириле, но сепак, лека полека, собирајќи си ги импровизираните легла, алиштата и нешто храна што им се нашла, децата под рака и почнале да излегуваат од магазата, но овој пат не од скришниот, заден дел, ами директно во чаршијата. На овој дел, јас лично воопшто не се сеќавам, но беше толку често прераскажувано дома и меѓу комшиите, што го чувствувам како доживеано, се присетува Матоски, со восхит нагласувајќи: „Така стигна слободата“.

Неговиот татко, Никола Мато, кој бил дел од партизаните што се бореле да го ослободат градот, често раскажувал колку биле тешки и крвави последните денови на ослободителната борба.
– Татко ми си дојде дома, а тоа предизвика големо славје. Тој често раскажуваше колку биле тешки и крвави тие последни денови на ослободителната борба. За најкрвави ги кажуваше битките со балистите кај Дебрца, област која била сосема опожарена, опљачкана и опустошена. Но победата и слободата биле блиски и заедно со поголем број партизани се избориле за Охрид, а потоа веднаш продолжиле кон Струга, движејќи покрај езерскиот брег. Некои пловеле со чунчиња, но најголем дел, низ непрестајни битки, се движеле низ околните нивје и покрај железничката пруга, додава Матоски.
Храброста на родителите зачувана во семејните спомени – сведоштво на Димитрие Дурацовски
Борбата за слободата, воените походи и битките се и семејни сведоштва на Димитрие Дурацовски, чиј татко Коста Дурацо бил припадник на Петнаесеттиот македонски корпус, возач на камион, кој на свои 18 години се борел на Срем. Мајка му Христина, илегално име Катјуша, 16-годишна припадничка на СКОЈ (Сојузот на комунистичката младина на Југославија), најчесто ноќе, со другарите пренесувала оружје за партизанските чети во Караорман, растурала пропагандни летоци низ градот и пишувала пароли на фасадите на куќите.

Преку сведоштвото на својата мајка, Дурацовски за МИА пренесува дел од историјата за случувањата ноќта спроти Митровден и утрото кога Струга ја дочекала слободата.
– Тој ден, денот пред Митровден, ми вели мајка ми, кога се вратив дома им реков на домашните, од денес до утре наутро никакво излегување. Ќе се водат улични борби низ градов, нашите имаат заземано позиции и градот е опкружен од партизани. И почна тој ден пресудната битка за ослободување на Струга. Јас не излегов, бевме договорени секој илегалец таа ноќ да остане во својата куќа – го пренесува Дурацовски сведоштвото на мајка си.
Ноќта спроти Митровден, додава, почнале да се водат жестоки борби низ градот, Германците имале поставено митралеско гнездо на камбанаријата на црвата „Св. Георгиј“ и жестоко се бранеле од нападите на нашите борци, кои надоаѓале од периферијата на градот.

Семејството на Дурацовски, заедно со оние на Талевци и Дупкаровци биле скриени во цврстите подруми на големата куќа на Цицорог, во центарот на Струга. Молчеле додека надвор одекнувале пукотници. Тоа траело цела ноќ. Само бебето од Вера и Стефан заплакувало, но веднаш го стишувале плашејќи се да не ги слушнат Германците.
– Утрото настана нереална тишина, а ние низ подрумското прозорче видовме како низ чаршија минуваат партизаните. Излеговме да ги дочекаме, народот веќе почна од сите страни да излегува во чаршијата и да се радува гушкајќи ги ослободителите. Вера на бебето во раце му ги покажуваше партизаните. Јас постојав со нив малку и после им избегав за да се најдам со другите скоевци од градот за да им се придружиме на партизаните – ја завршува Дурацовски приказната од својата мајка Христина, скоевката Катјуша.
За татко си Коста Дурацо, кој починал на 36 години, Димитрие дознавал од неговите соборци, бидејќи имал само 10 години кога го загубил.
– Го гледам на сликите во малиот град Товарник, на едната со германски шмајзер МП40 на градите, на улица во градoт, на друга накрепен на камион во црна војничка блуза, брич панталони и чизми, тоа е зборно место за последната решавачка битка со непријателот. Мојот татко шофер има 18 години, таа есен 1944 година – вели Дурацовски.

За неговата храброст слушнал од соседот Петри Пано, со кој заедно се бореле во Срем.
– Беше живо сребро, татко ти. Видра. Имавме по 18 години кога нѐ фрлија во пеколот на Срем, какви стравотии видовме, чудо едно. Стариот твој, со камионот минувше низ минските полиња како од шега, беше бестрашен. Се сеќавам во еден јуриш кога удри мина пред нас, ние скокнавме од камионот и исполегнавме, татко ти остана во кабината и мирно запали цигара. Пред нас експлозии од нагазни мини, ужас, видов како мина располови еден борец. Ние зад камионот стуткани и исполегнати, а тој, Коста, седи зад воланот од камионот и пуши. Чудо беше човекот – раскажува Дурацовски сведоштво за неговиот татко.
Пано, го споменал и часовникот, воен хронограф марка „Феделта“, што Димитрие го чува заедно со сликите, кои сведочат за воената младост на неговите родители.
Ослободувањето на Струга – пресвртница во локалната историја
Ослободувањето го означило крајот на окупацијата, но не значело и непосредно враќање на нормалниот живот. Воените дејства оставиле последици врз градската инфраструктура, комуникациите и снабдувањето на населението. Следел долг процес на обнова, институционално организирање и социјално закрепнување. Останале трагите од војната, оштетени куќи, мостови, патишта и телефонски линии, а населението се соочувало со сериозен недостиг од основни средства за живот.
Во тие околности започнало воспоставувањето на новата народноослободителна власт. Во градот почнале да работат Градскиот и Околискиот народноослободителен одбор. Нивните задачи биле практични и итни за организирање на снабдувањето со храна, поправка на патиштата, обновување на железничкиот сообраќај и воспоставување на основните административни функции, во услови на сиромаштија и воени разурнувања.
Ослободувањето на Струга не било изолиран воен чин, туку завршница на повеќегодишен отпор и почеток на нова етапа во политичкиот, општествениот и економскиот живот на градот.

Сведоштвата за денот кога Струга ја дочека слободата се силно врежани во мермерната плоча на Споменикот на револуцијата, поставен во срцето на градот, покрај кејот на реката Црн Дрим и Чаршискиот мост. Натписот, кој и денес сведочи за жртвата и историското значење на ослободителната борба, ја носи пораката дека револуцијата е непрекинат тек на минатото кон иднината, оти животот го напојува со нов живот, но и дека споменот на борците треба да трае низ сите поколенија.
„Револуцијата е како реката
тече без прекин од врутоците на минатото
до утоката на безбрежната иднина;
и течејќи го напојува животот со живот.
Слава и чест на воените херои на нашата револуција,
низ поколенија во вечнини!“ сс/дј

Фото: МИА, Музеј „д-р Никола Незлобински“, семејни архиви на Климент Матоски и Димитрие Дурацовски

Македонски




