
Заврши реконструкцијата на просториите за продолжена настава за учениците од Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“- Штип. Во овие училиници веќе се одвива воспитно-образовен процес за 80 ученици, а проектот се реализира на барање на родителите. По тој повод министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Штип Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село, каде локалната самоуправа со поддршка на министерството инвестираше во подобрување на условите за настава и воведување на продолжен престој.
Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности, изјави Јаневска.
Таа додаде дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано.

Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите. Иако училиштата се под надлежност на општините, тие ќе ја имаат поддршката од Владата и од Министерството за образование и наука и во иднина.
Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници, рече Јаневска.
За да се оствари процесот, Јаневска потенцираше дека се потребни средства и време, но изрази уверување дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов се заблагодари на поддршката која штиспките основни и средни училишта ја добиваат од министерството за образование и наука. Јорданов вели дека еден од поголемите проекти, кој се реализира со средства од министерството за образование и наука е реконструкција на кровот на Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип.
Овде ќе ја напоменам и реконструкцијата на спортската сала на училиштето „Димитар Влахов“, кое со години наназад е потреба и барање на учениците.Но и на наставниот кадар, затоа што полека но сигурно ООУ „Димитар Влахов“ е едно од најголемите основни училишта во нашиот град, рече Јорданов.
Тој додаде дека завршен е и тендерот за реконструкција на спортската сала во ООУ „Тошо Арсов“и овде исто така ќе има комплетна реконструкција на подот, соблекувалните и на спортскиот инвентар.
Фото: МИА