
Дали истрагата за несреќата во Кочани ќе се прошири и ќе ги опфати и разрешените полициски началници и командири од СВР Штип и ОВР Кочани, или пак ќе се прошири и со други службеници од МВР е дилема која во јавноста остави простор за дебата и политички препукувања околу селективноста на истражните дејствија што ги преземаат обвинителите.
Иако по две недели од кобниот пожар, седуммина началници и командири од Кочани и Штип се разрешени за да не влијаат на истрагата, а нивните претходници кои давале согласност за лиценцата на нелегалното кабаре се зад решетки, сепак политички опоненти прстот го вперуваат во власта, без да остават простор Обвинителството да си ја заврши работата, коментира за ТВ Алфа поранешниот началник и експерт за безбедност, Љубомир Ѓурчевски.
Тој вели дека премногу е рано да се зборува за селективност бидејќи на Обвиниетлството за организиран криминал и Секторот за внатрешна контрола на МВР турбо работат и допрва ќе видиме колку луѓе од МВР ќе се соочат со кривична одговорност за несреќата во која животот го загубија 59 млади луѓе, а околу 200 беа повредени.
Според истрагата, имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 година била издадена лиценца, а притворените полицијци дале позитивно мислење дека дискотеката „Пулс“ ги исполнува сите услови.
Кој се од МВР постапувал или премолчувал и ќе се соочи со одговорност ќе покаже истрагата на Секторот за внатрешна контрола на МВР и Обвинителството за организиран криминал. Засега, нема простор да се верува дека некој ќе биде заобиколен, коментира Ѓурчевски.
И Јавното обвинителство даде наредби сите институции да извршат проверки кој постапувал незаконски.
За најголемата трагедија што се случи во Македонија отворени се две истраги. Едната ја води Државното обвинителство со екипа од 11 обвинители кои ги истражуваат сите надлежни институции поврзани со документацијата и работењето на кочанската дискотека. Опфатени се 27 луѓе, од кои 24-рица се во притвор, а тројца во куќен, двајцата поранешни градоначалници на Кочани и поранешната директорка на пазарната инспекција. Другата истрага ја води Обвинителството за организиран криминал којашто опфати седум началници и командири од Штип и Кочани кои дале согласност за лиценцата на „Пулс“. Сите седуммина се во 30 дневен притвор во Шутка.