
Македонската полиција пристапува кон Глобалната академија на ИНТЕРПОЛ, ексклузивна светска мрежа за специјализирана полициска обука, развој на капацитети и меѓународни професионални стандарди.
На маргините на Генералното Собрание на ИНТЕРПОЛ, вчера во Маракеш, Генералниот секретар Валдеси Уркиза и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев го потпишаа Писмото за пристапување, со што се отвораат нови можности за унапредување на нашите професионални и институционални капацитети.
-Со станувањето дел од оваа глобална платформа, се зајакнува стратешкиот фокус кон современо, аналитички ориентирано и технолошки напредно полициско работење. Овој историски чекор претставува значајно унапредување на улогата на нашата држава во меѓународната безбедносна архитектура и ја потврдува решителноста за зајакната соработка со партнерските служби ширум светот. Македонската полиција добива пристап до најсовремени програми за обука, експертски ресурси, иновативни методолошки алатки и заеднички проекти за борба против транснационалниот криминал. Ова членство ќе придонесе и за подобра размена на знаење, унапредување на професионалните стандарди и развој на нови генерации полициски службеници со глобални компетенции, вели Јанев.
Тој се заблагодари на ИНТЕРПОЛ за довербата и партнерството со што се потврдува посветеноста кон продлабочување на меѓународната полициска соработка, заштитата на безбедноста на граѓаните и активниот придонес кон глобалната борба против организираниот криминал.
Според Јанев, инвестицијата во градење на капацитети за едукација на полициските службеници е еден од клучните определби на Министерството за внатрешни работи, за градење на силна и едуцирана полиција, подготвена да одговори на сите национални и глобални предизвици.

Македонски








