Skip to main content

Гиновска: Редовните и вонредните надзори во цементарницата „Усје“ не покажаа неправилности

Различни државни инспектори минатата година во цементарница „Титан-Усје“ извршиле шест надзори, од кои два редовни и четири вонредни инспекциски контроли, информираше денеска директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска. Последните вонредни надзори биле извршени на 18 ноември во 22 часот со инспектор за животна средина од Град Скопје и на 18 декември со инспектор за животна средина од Општина Кисела Вода.

Притоа, како што рече Гиновска, не се утврдени неправилности во работата на овој правен субјект.

Таа додаде дека изминатиот период била направена вечерна ненајавена контрола со инспектори од други градови и пишувачите на дозволата од Управата за животна средина, а биле реализирани и ненејавени вонредни мерења на емисии во воздухот со лабораторијата за животна средина при МЖСПП.

„Секој месец цементарницата доставува извештај за емисии во воздухот од сите емисиони точки. Исто така, два пати годишно доставува извештај од мерења кои ги извршува акредитирана лабораторија“,рече директорката на прес-конференција на која беше и директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски и владината портпаролка Марија Митева.

Гиновска потенцира дека надзорите продолжуваат континуирано и на секои 15 дена државниот инспекторат доставува извештај до работната група која е формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање и го следи спроведувањето на Акцискиот план.

Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, образложувајќи ја постапката за издавањето на А-интегрирана еколошка дозвола кажа дека на цементарницата на 7.3.2011 година е издадена а-дозвола за усогласување со оперативен план.

„На 22.3.2013 година издадена е интегрирана А-дозвола за усогласување со оперативен план во која дозвола е одобрено користење на алтернативни горива. По спроведување на целосната постапка на 12.3.2020 година издадена е А-интегрирана еколошка дозвола која има важност седум години. Најдоцна една година пред истекот на важноста операторот е должен да поднесе барање за обвновување на дозволата. Најдоцна до 12.3.2026 година Цементарница треба да достави барање за обновување на А-интегрирана еколошка дозвола“,рече Никоски.

Директорот Никоски подвлече дека од крајот на 2018 година цементарница „Усје“ почнува да користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена од 15 отсто. 

На новинарска забелешка дали може да се резимира дека Усје не загадува, директорката Гиновска одговори спротивно.

„Не кажав дека цементарница ‘Усје’ не загадува или дека другите 40 А-интегрирани еколошки дозволи на територијата на Град Скопје не загадуваат. Половина од индустриските капацитети не работат во зимскиот период, А-интегрирани дозволи имаат и асфалтните бази кои поради временските услови не се во работа и не може да придонесат за емисии во воздухот за загадување во овој период од годината“, рече Гиновска.

Поврзани вести