Средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз-Тито“ со повеќе свечености ќе го одбележи 6 февруари, денот кога пред 80 години во гимназијата почна да се изведува настава на современ македонски јазик.
На прес-конференција во Битола директорката на гимназијата Лидија Споа ја претстави неколкудневната празнична програма која ќе почне да се реализира на 3 февруари со изложба на слики инспирирани од делата на македонската преродбеничка литература, а ќе заврши со свечена академија „Експериментум Македоникум“ што ќе се одржи на денот на празникот.
Јубилејот 80 години настава на современ македонски јазик ќе го славиме во нашето училиште затоа што токму тука на 6 февруари 1945 година во гимназијата прв пат одекна македонски збор во образованиот процес, чин кој што значи повеќе од настава. Првиот директор на тогашната гимназија Орде Печијаре, воедно и наставник по физика, го означил свечениот чин и почетокот на наставата на современ македонски јазик. Патот не бил лесен, ниту краток затоа што во тоа време македонскиот јазик тлеел во темнината за на 6 февруари конечно да ја добие заслужената светлина, истакна Споа.
Според програмата, празничните денови ќе бидат прославени со награден литературен конкурс и изложба во галеријата „Ранко Струмениковски“, изложба портрети и цртежи на Андреа Ресановиќ, историски осврт на автори и уметници кои предавале или биле ученици во гимназијата, промоција на уметничко-документарен филм и свечена академија на која се очекува присуство на претставници на државниот врв.