Skip to main content

ФЗО почнува со проценка на критериумите за здравствено осигурување

ФЗОМ

На иницијатива на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), а со заклучок на Владата започна проценка на критериумите за здравствено осигурување. Македонија има многу вклучителна регулатива за здравствено осигурување, има доволно основи по кои сите граѓани може да бидат здравствено осигурани, бидејќи нашата цел е универзално здравствено осигурување за сите кои живеат во државава, истакна денеска генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски по брифингот со новинарите.

Во моментот, појасни, ги проценуваме ризиците од злоупотреба на здравственото осигурување и таа е групата на лица без примања или со пониски примања или групата на невработени лица.

Од вкупниот број 1.845.007 осигуреници, околу 477 илјади лица се осигурување по оваа основа и тука ризикот е од две групи. Првата е сива економија каде спаѓаат лица кои остваруваат приходи на неформален начин надвор од трансакциска сметка и во втората група се лица кои не живеат и не ги остваруваат примањата во Македонија. Оваа основа е поврзана со остварени или неостварени приходи на трансакциска сметка. Доколку немате приходи на трансакциска сметка се квалификувате да имате бесплатна здравствена заштита, рече Клековски.

Појасни дека целта не е да се укине здравственото осигурување, туку да се воспостави фер и праведен однос, бесплатна здравствена заштита да има за луѓето кои навистина немаат приходи и за оние кои остваруваат приходи во сива економија или надвор од Македонија да најдеме начин да го стесниме просторот за овие злоупотреби.

Ова е дел од напорите да го консолидираме работењето на Фондот и на приходната страна, бидејќи ни се неопходни повеќе средства за здравствени услуги. Можната штета тука е по две основи, се оштетува буџетот, бидејќи се обезбедува бесплатна здравствена заштита за луѓе кои може да си допуштат да платат и второ дека имаме број на осигуреници кои не е реален во основа, а ние ги исплаќаме капитациите за матични лекари врз основа на тој број. Може да констатирате дека бројот на осигуреници ни е поголем од бројот на попишани жители на последниот попис. Колку да е тој мал сметаме дека со зголемување на правата мора да растат одговорностите и во здравствениот систем ги отстрануваме сите ризици од можни злоупотреби, додаде Клековски.

Поврзани вести