Skip to main content
qTIRKYXHQOw

Филипче: Техничката влада е неопходна за да се спречи можна злоупотреба на системот „Сејф сити“ за време на изборната кампања

Венко Филипче со одбивањето на поканата за лидерска средба не одбива само средба со премиерот Христијан Мицкоски, туку и дијалог и можност за политички консензус околу клучните државни прашања, реагира ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на претседателот на СДСМ да не учествува на иницијативата за разговор меѓу политичките лидери.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквиот потег покажува отсуство на политичка одговорност и неподготвеност на опозицијата да придонесе во процесите што се клучни за европската интеграција и стабилноста на државата.

„Лидерската средба имаше за цел отворање дијалог за реформските закони од европската агенда – правосудни реформи, безбедност, слобода на медиумите и јакнење на институциите. Одбивањето на Филипче значи кочење на реформските процеси и ставање на партиските интереси пред државните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, наместо конструктивен пристап, Филипче повторно избрал конфронтација и политичка изолација, со што директно се оневозможува напредокот во области кои се од суштинско значење за граѓаните.

Во меѓувреме, Филипче на брифинг со новинарите ја образложи својата одлука со ставот дека нема да учествува на, како што рече, „средби со криминалци“, истакнувајќи дека техничката влада мора да остане како гаранција за фер и демократски избори.

„Не смее да се укине техничката влада, затоа што тоа е единствениот механизам што овозможува чесни и фер избори. Таа може да се укине само кога ќе бидеме зрело општество, а ние во овој момент тоа не сме“, изјави Филипче.

Тој оцени дека присуството на технички министер за внатрешни работи од редовите на опозицијата е неопходно за да се спречи можна злоупотреба на системот „Сејф сити“ за време на изборната кампања, тврдејќи дека власта не сака техничка влада токму поради страв од откривање евентуални злоупотреби.

На прашање дали СДСМ би учествувал на избори доколку се направат законски измени и се укине техничката влада, Филипче одговори потврдно, но додаде дека не гледа логика власта самата да го менува моделот кој, како што рече, се носи со политички консензус.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценуваат дека ваквите изјави дополнително ја потврдуваат неконзистентноста во ставовите на лидерот на СДСМ и неговото инсистирање на механизми кои, според нив, одамна ја изгубиле својата суштинска улога и служат исклучиво за политичка блокада.

„Одбивањето на дијалог, користењето тешка реторика и постојаното оспорување на реформите не придонесуваат за демократијата. Македонија има потреба од сериозна и одговорна опозиција, подготвена да разговара и да учествува во процесите за доброто на државата“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани вести