
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по повод празникот на лозарите Свети Трифун изјави дека власта, како што рече, системски го уништува земјоделството и врши директен удар врз земјоделците.
Филипче оцени дека суспензијата на ИПАРД програмата е последица на, како што наведе, злоупотреба на европски средства, а потоа следувало и дополнително намалување на средствата за домашни субвенции.
„Овој сектор во мало го отсликува пристапот на оваа власт во целата држава – кражба, грабеж и незаинтересираност за луѓето. Откако ги фатија од Европа како крадат европски пари и ја суспендираа ИПАРД програмата, сега ја намалуваат и Програмата за субвенции во земјоделството, од 140 на 100 милиони евра. Тоа е намалување за една третина кај сите сектори – сточарство, лозарство, поледелство и овоштарство“, изјави Филипче.
Според него, со ваквата одлука земјоделците ќе останат без доволна државна поддршка, за разлика од, како што посочи, периодот кога СДСМ била на власт.
Тој додаде дека, покрај кратењето на средствата, се воведуваат и построги услови за пристап до субвенциите, што, како што оцени, најмногу ќе ги погоди малите производители.
„Се зголемува прагот на земјиште што треба да се обработува за да се добијат субвенции – од 0,2 на 0,5 хектари. Тоа значи дека земјоделците со два или три декари земја повеќе нема да можат да аплицираат согласно измените во правилникот“, нагласи Филипче.
Со ваквите политики, според него, најмалите и најранливите земјоделци директно се исклучуваат од системот на државна поддршка.
„Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата, а особено не за земјоделството“, изјави Филипче од Моклиште, Кавадарци.

Македонски



