Skip to main content

Филипче апелира до Лекарската комора: Да се направи проценка дали неврологот Кузмановски воопшто може да лекува пациенти

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој е неврохирург, смета дека Лекарската комора треба да реагира и да направи проценка дали лекар во состојба во која беше фатен директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски може да лекува пациенти. Според Филипче, добро е што Кузмановски е веднаш разрешен, но очекува реакција и од Лекарската комора.

Неговата реакција доаѓа откако вчера попладне на социјалните мрежи беше објавена снимка на која наводно се гледа како проф. д-р Игор Кузмановски, директорот на Клиниката за неврологија, зборува за купување кокаин додека изгледа како да подготвува „линии“ за шмркање во домашна атмосфера.

„Сметам дека е добро што е разрешен веднаш и многу брзо. И во исто време сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање. Можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некаква таква состојба, сега да не прејудицираме. Но, ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од Комората“, нагласи Филипче.

Откако беше објавено видеото, министерот за здравство Азир Алиу вчера соопшти дека донел решение за разрешување на Кузмановски од директорската функција. Кузмановски синоќа преку Фејсбук упати извинување и искажа каење за своите постапки.

„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, напиша Кузмановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, синоќа соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен и бараат институциите да постапат во согласност со законот и со утврдените процедури.

Поврзани вести