
По осумгодишен застој во обновувањето на службената опрема, Министерството за внатрешни работи најави дека до крајот на годината поголемиот дел од униформираните полициски службеници во државата ќе добијат нови униформи.
Веста ја соопшти министерот Панче Тошковски, кој нагласи дека институцијата конечно го адресирала долгогодишниот проблем со снабдувањето на полицијата со основна работна опрема.
Во јавноста имаше обид да се девалвира процесот за набавка на униформи, но вистината е поинаква. Еден од доказите е фотографија на која се гледаат полицајци – еден во фармерки, друг во работничко одело, трет со палто од татко му… Срамота. Затоа решивме да ставиме крај на ова – изјави Тошковски.
Тој посочи дека досегашната, помала набавка опфатила униформи за околу 1.000 полициски службеници, но сега следува многу поголем процес. Новата набавка ќе опфати 5 до 6.000 припадници на полицијата, со што, како што рече, речиси целокупниот униформиран кадар ќе добие современа и функционална работна облека.
Ова што полицајците го носат во моментов е катастрофа. Осум години не е набавена нова униформа. Тоа не е само слика за еден пропуст, туку за целосен игнорантски однос кон оние што секојдневно се грижат за безбедноста на граѓаните. Но, ние сме тука да го смениме тоа. Сѐ што можеме да направиме – ќе направиме – порача министерот.
Во својата изјава, Тошковски не го исклучи ниту политичкиот контекст на реформите, оценувајќи дека „македонскиот народ е мудар, гледа што се случува и дека ќе го каже својот збор на локалните избори“.