
Европската Унија започна со евакуација на пациенти со тешки изгореници по разорниот пожар во ноќен клуб во Кочани, Македонија, во кој загинаа 59 лица, а над 155 се повредени, соопшти денеска Директоратот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија (ECHO).
Во првите часови по несреќата, Центарот за координација на итен одговор на ЕУ стапи во контакт со властите за цивилна заштита во Македонија, изразувајќи солидарност и поддршка, се наведува во соопштението.
Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.
Неколкумина повредени веќе се пренесени во Унгарија со поддршка на Луксембург, додека Романија ги транспортира пациентите до Литванија. Европската Унија продолжува со координација за транспорт на останатите пациенти во државите кои понудија медицински третман.
Европската комесарка за подготвеност, управување со кризи и еднаквост, Хаџа Лахбиб, изрази сочувство и ја нагласи европската солидарност:
– Ги изразуваме нашите најдлабоки сочувства до семејствата на жртвите и сите погодени. ЕУ стои рамо до рамо со народот на Македонија во овие тешки моменти. Им благодарам на европските земји што веднаш понудија лекување и поддршка преку нашиот Механизам за цивилна заштита. ЕУ останува во близок контакт со властите во Македонија и е подготвена да мобилизира дополнителна помош доколку има потреба – стои во соопштението на ECHO.