
Институциите ќе започнат постапка за конфискација на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец, откако е утврдено дека станува збор за градба подигната спротивно на законот, на државно земјиште.
Министерството за транспорт, како надлежна институција за објекти од прва категорија – меѓу кои се аеродроми, болници со терциерна здравствена заштита, објекти за високо образование, спортски сали, стадиони и друга државна инфраструктура – во изминатиот период интензивно работи на расчистување на состојбите со нелегалната градба во оваа чувствителна сфера.
Во координација со Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на спортскиот аеродром Стенковец, ќе биде поведена постапка за конфискација на спорниот објект. Надлежните институции ќе се обратат до Обвинителството и Судот со барање објектот целосно да се одземе во корист на државата.
Планот е конфискуваниот објект да биде ставен во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство, односно да се користи за обука на пилоти и за други потреби од јавен интерес.
Од Министерството порачуваат дека ова е јасен сигнал дека нема да се толерира нелегална изградба на локации каде државата има директна надлежност и одговорност, особено кога станува збор за инфраструктура од стратешко значење и безбедносен ризик.

Македонски



