Skip to main content

ДОМ Охрид: Против уништување на јавниот здравствен простор – „Маларична“ мора да остане во служба на граѓаните

Општинската организација на ДОМ Охрид ја изразува својата загриженост и противење на предлог-измените на Деталниот урбанистички план, со кои се предвидува укинување на јавната здравствена функција на Здравствениот дом „Маларична“ и негова пренамена во колективно домување. Оваа измена претставува директен удар врз здравствените услуги за граѓаните и грубо кршење на принципите на одржливо урбанистичко планирање.

„Маларична“ има историско и функционално значење како здравствена установа која со децении им служи на охриѓани. Наместо да се инвестира во нејзино унапредување, се предлага нејзино бришење од урбанистичките планови и заменување со станбена зграда од приземје + 4 ката. Оваа промена не само што ќе значи губење на јавниот здравствен сервис, туку ќе доведе и до дополнителна урбанистичка деградација, уништување на зелените површини и зголемување на загадувањето во овој дел на градот.

ДОМ Охрид инсистира на почитување на јавниот интерес и ги повикува локалните власти да го отфрлат предлогот за ДУП кој е спротивен на препораките за заштита на Охридскиот регион. Го повикуваме и Министерството за здравство да застане во одбрана на јавната здравствена инфраструктура и да спречи трансформација на „Маларична“ во објект за колективно домување.

ДОМ ќе продолжи активно да се залага за одржлив урбан развој кој ги почитува здравјето, животната средина и интересите на граѓаните, а не само профитот на инвеститорите.

Поврзани вести