
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека стручни тимови и во текот на викендот работат на анализата на примероците од водата земени од повеќе локации во Гостивар, по барање на Јавното обвинителство.
Од ИЈЗ информираат дека веднаш по добивањето на барањето од Обвинителството излегле на терен, каде што биле земени примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи.
По враќањето на екипите во раните утрински часови во четврток, веднаш започнала лабораториската анализа на примероците.
„Согласно известувањето од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинална симптоматологија, а со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов се на работа и ги анализираат примероците. Резултатите ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за натамошно постапување“, соопштија од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека Институтот е во постојана комуникација и координација со сите надлежни институции.
Случајот со водата за пиење во Гостивар стана актуелен откако во последните денови повеќе од илјада граѓани побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.
Поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба, Агенцијата за храна и ветеринарство вчера издаде забрана за користење на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем.
Од гостиварската Општа болница претходно потврдија дека изминатите денови регистрирале над илјада пациенти со гастроинтестинални симптоми.

Македонски



