
Првпат имаме една ретка ситуација во истовреме да се градат шест автопатски делници, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски кој е задоволен од реализацијата на инфраструктурните проекти во државава.
Мицкоски, кој денеска заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, беше во посета на Дебрца, во изјава за медиумите изрази очекување автопатот Кичево – Охрид да биде завршен и пуштен во употреба во првиот квартал или најдоцна во текот на следната година.
Истовремено очекувам овој месец, најдоцна на почетокот на следниот месец да отпочне делницата Блаце – Скопје. Веќе добивме позитивна информација од заемодавателот за делницата Букојчани – Кичево каде немаат забелешки, чекаме сега официјално да помине делот на жалби за да може понатаму да продолжиме со постапката. Со несмалена динамика се работат и делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар, Гостивар – Бујкочани, значи генерално за првпат имаме една ретка ситуација да се градат шест автопатски делници наеднаш. Продолжуваме и со другите проекти од инфраструктурата така што јас сум исклучително задоволен. Градежништвото во април имаше раст од над 40 проценти така продолжуваме и понатаму. Капиталните инвестиции треба да бидат додадена вредност за граѓаните, изјави Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николовски под чија надлежност е изградбата на автопатот Кичево – Охрид вели дека ќе се добие едно модерно автопатско решение. Она што не било планирано во проектот, како што информираше, се пристапните патишта до селата од левата страна на автопатот што сега се надминува.

Македонски



