
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, на маргините на 70-тата сесија на Комисијата за статусот на жените при ООН во Њујорк, имаше средба со Даниел Силвер, потпретседател на Американскиот еврејски комитет.
На средбата беше потврдена силната соработка меѓу Македонија и Американскиот еврејски комитет, како и заедничката определба дијалогот и партнерството да продолжат со уште поголема динамика во период кога евроатлантската заедница се соочува со сериозни безбедносни и геополитички предизвици, соопшти МНРиНТ.
Соговорниците ја истакнаа важноста Македонија да продолжи да делува како стабилен и предвидлив партнер на Соединетите Американски Држави, особено во услови на засилени глобални тензии и обиди за дестабилизација во регионот.
Димитровски ја нагласи посветеноста на нашата држава кон заштитата и развојот на Еврејската заедница во Македонија, како и кон активната борба против сите форми на нетолеранција, шовинизам, говор на омраза и антисемитизам.
Во разговорот е потврдена и важноста на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, при што беше истакнато дека нашата земја останува кредибилен сојузник во рамките на евроатлантската архитектура за безбедност.
Во однос на актуелните состојби на Блискиот Исток, соговорниците изразија сериозна загриженост од иранските напади врз суверени држави и заканите кон цивилното население во регионот, оценувајќи дека ваквите потези претставуваат грубо кршење на меѓународното право и дополнително ја зголемуваат нестабилноста во еден од најчувствителните региони во светот, се вели во соопштението од МНРиНТ.

Македонски

