
Четири пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство се во критична состојба, а очекуваме осум да се вратат неделава во државава, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.
На 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани изби пожар во кој животот го загубија 59 лица, претежно деца и млади, а над 200 беа повредени.
Веднаш по несреќата голем дел од повредените беа испратени на лекување во странство, каде што во моментов има 115 пациенти.
Таравари кажа дека денеска се очекува да бидат испишани 16 пациенти од домашните болници, каде се лекуваат вкупно 46. На Клинички центар се лекуваат 26 пациенти и по 10 во ГОБ 8 Септември и во Свети Наум Охридски, во приватните болници осум пациенти.
Фаза на инфекции сме, можни се компликации. Колегите даваат максимум. Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели, изјави Таравари.