
Четири куќи со 17 жители од тетовското планинско село Шипковица се во ризик од ерозија која се појави ноќта помеѓу средата и четвртокот.
Во текот на вчерашниот по пријавата до Центарот за управување со кризи, во селото дошле претставници на Општина Тетово, ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово, кои им дале насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта.
Паднала оваа огромна земја од горе. Ние сме сега со ризик не можеме да седиме внатре во куќите. Во опасност се и куќите, зошто може да падне земјата и да ги повлече надолу. Јас се разбудив ноќта, прво 1.20 часот некаде имаше прва ерозија, па околу 3.15 часот повторно, пак се слушна, изјави Мумин Велија.
Во ова планинско село кое се наоѓа на скалесто-ридест предел на повеќе места веќе се изградени потпорни ѕидови во насока на превенција од свлечишта. Мештаните сега очекуваат тоа да се направи и во овој дел од селото.
Рекоа дека ќе прават ѕид од Кризниот штаб, разговараа со градоначалник, рекле ќе го направат ѕидот. Дај Боже да го направат, ќе нè спасат сите, вели Мумин Велија.
На прашањето до Општина Тетово кога ќе се направи интервенција нема одговор.
Кризниот штаб на Општина Тетово во соработка со Центарот за управување со кризи внимателно ја следи состојбата во Шипковица, каде што како резултат на свлечиштето се загрозени четири куќи. Исто така, членовите на четирите семејства веќе се евакуирани и се згрижени кај свои роднини. Вкупно 17 жители ги напуштија своите домови, додека врнежите од дожд продолжуваат, истакнаа од Општина Тетово.
Во ова место во 2015 година имаше невреме со поплави и свлечишта, при што четири лица од кои три деца ги загубија животите. Од тогаш почна уредување на речно корито со цел да водотекот да не предизвикува нови поплави. Мештаните велат дека коритото не е целосно уредено. Во Шипковица живеат околу 1500 луѓе.

Македонски








