Skip to main content

Белимова: Историјата покажала дека сите жени-лидерки на врвот дошле со сопствена борба, активност, ентузијазам и квалитети, а не затоа што некој направил формула во која тие се нашле

Во последниве години некако се изгуби основната идеја за значењето на 8 Март, па тој ден се прославува како единствен ден во годината кога треба да и се оддаде должната почит на секоја жена, вели Даниела Белимова, пратеничка во Собранието на Република Македонија од партијата ЗНАМ.

Никој веќе не зборува за правата на жените, за нивното место во општеството, за она што тие значат за севкупното живеење и функционирање на државите ширум светот. Се прејде на тривијални, навидум свечени, но во основа непотребни прослави, на кои жената треба да биде крунисана како нечија мајка, сопруга или сестра. Според мене, а секако и според поголемиот дел мои пријателки и колешки, Меѓународниот ден на жената треба да претставува симбол за родова еднаквост во секој сегмент од општеството. Воедно тој треба да е и симбол за непостоечката граница помеѓу родовите права, ден кога сите повторно и повторно се потсетуваме дека во светот на еднакви можности никој не смее да биде привилегиран или уназадуван. Кај нас стана традиција еднаш во годината да се сетиме да купиме цвеќе за некоја наша драга личност и мислиме дека со тоа сме ја завршиле работата во однос на почитта и љубовта кон неа. Оттука, го признавам 8 Март како посебен ден, но во сосема друга смисла од горенаведената. Годината има 365 дена и сите до еден ни припаѓаат нам, без разлика дали сме мажи или жени, вели Белимова.

Потсетува дека со Изборниот законик донесен во 2001 г, се предвидува 30% учество на жените на листите.

Благодарение на таа квота на жени на листите на изборите во 2003 година учество, се стигна до поголем број на жени во Собранието кои го отпочнаа одот на освојување на позициите на македонската жена во сите сфери на општственото живеење.
Во овие 20 години направени се повеќе измени на квотите. Со секоја измена на изборниот законик жените ја користеа можноста, заедно сложно, со притисок, секоја во своите политички партии, оваа квота да се унапредува. Таа сега практично е 40% учество на жените на листите за избор на пратеници и за избор на советници во локалните совети.
Во однос на ова прашање, јас имам одреден цврст став, кој, се надевам дека е во корелација со оној на сите современи жени во Република Македонија. Овде не би требало да станува збор за квоти, тоа ми звучи премногу шовинистички и во превод би значело дека треба да се радуваме ако ние, жените, добиеме поголема квота на учество изразена во бројки 40% или 50%. Што воопшто значи тоа? Зарем не треба да се водиме само од правилото за квалитет, а не квантитет? Работите никаде не се црно-бели, па ни во политиката. Понекогаш може да има поголемо машко, а понекогаш поголемо женско учество. Но, тоа не би требало да зависи само од однапред одредени квоти, туку исклучиво од квалитетот на луѓето.
Заедничката работа секогаш самата по себе повлекува и подобри перформанси на целиот тим, особено кога се работи за политика и политички здруженија. Секако, потребно е во собранискиот состав да има поголем број жени и јас
секогаш ќе се залагам за тоа, но не по секоја цена, зашто може да се случи да трпи квалитетот, а само вештачки да се зголеми бројноста. Секоја жена која ќе биде на која било листа за пратеници или советници во локалната самоуправа не
смее тоа да го смета за привилегија дадена од некого, туку како можност за промоција на нови идеи, планови и програми, кои ќе придонесат за сеопшта благосостојба кај народот, подвлекува Белимова.

И повторно сме кај квотите – ќе го повторам мојот став околу тоа, без намера да прејудицирам одредени новини во законодавството по однос на ова прашање, потенцира Балимова.

Квоти за жени министерки, квоти за градоначалнички – зарем ова не ви звучи малку несериозно и вештачки наметнато? Историјата е наша учителка и таа покажала дека сите жени-лидерки на врвот дошле со сопствена борба, активност, ентузијазам и квалитети, а не затоа што некој направил формула во која тие се нашле. Но, секако дека политичките партии треба да обратат посебно внимание кога станува збор за делегирање
поголем број жени за раководни општествени функции. Еве јас лично сметам дека политичката опција на која и припаѓам, Движењето ЗНАМ за наша Македонија располага со навистина квалитетен женски потенцијал, којшто треба да го добие своето заслужено место не само во највисоките органи на партијата, туку и во составот на локалните самоуправи низ државата, во министерските фотелји или пак како Мајки на одредени градови или општини. Впрочем, мајката е синоним за најголема и најискрена посветеност, па оттука сметам дека со предлагањето повеќе жени за градоначалнички, Македонија може само да добие поголем квалитет на живеење. Некои истражувања покажаа дека жените политичарки во
одредени сложени ситуации се покажале поаналитични и потактични, а неретко и мултифункционални. Вистина е дека жените историски, но и според своите генерални предиспозиции, по автоматизам, некогаш полесно се справуваат со по неколку паралелни активности, способност која би можела да биде драгоцена во одредени ситуации кога е неопходно
практично и брзо да се дејствува. Конечно, во политиката успеваме не само затоа што сме се родиле како жени, туку затоа што имаме одреден личен и професионален капацитет, како и висока стручност.

Македонија има покажано одреден напредок во текот на последните две децении, кога станува збор за подобрување на правата на жените и тоа е неспорен факт.

Водејќи се од меѓународното законодавство за заштита од дискриминација, еднакви права и можности, како и праведна распределба на општите добра, успеавме да се вброиме во листата на држави со функционални системи и закони кои ги штитат жените, без разлика на нивната национална, верска или политичка определба. Сепак, јасно дека тоа не е доволно. Се уште се соочуваме со немал број случаи каде што женските права и слободи се на некој начин ускратени или одземени и токму тука треба да биде ставен нашиот фокус како општество. За жал, и понатаму секојдневно слушаме за семејно насилство врз жени и деца, нешто што мене лично многу ме погодува и растажува, зашто живееме во модерен свет на секакви технолошки изуми и напредоци, а сепак треба да учиме некого дека
кревањето рака врз жена или дете е нешто најнедостоинствено и најнехумано што може да постои во личноста на еден маж. Постојана едукација на целокупното население и промовирање на етички норми и начини на однесување се круцијални во борбата со овие болести на современото македонско општество. Секако, давањето секаков вид на
помош и поддршка за жртвите од семејно насилство мора да биде врвен приоритет на системот во кој живееме. Не смееме да им свртиме грб на човечноста и меѓусебното разбирање, и покрај тоа што се повеќе стануваме отуѓени едни од други и забораваме на апелот за помош од оној што е нападнат или повреден. И како жена и како сопруга и како мајка, но и како пратеничка во македонското собрание, секогаш ќе апелирам за изнаоѓање нови законски решенија во однос на оваа проблематика.

Вели оти е среќна што припаѓа на една политичка партија која води исклучително голема сметка токму за правата на жените во општеството и чиј врвен приоритет е токму принципот на еднакви права и можности за сите.

Веќенашироко е прифатен фактот дека родовата еднаквост е еден од клучните показатели за нивото на еманципација на секое модерно општество. Очигледно е дека кај нас, но и на глобално ниво, жените се помалку застапени во високите политички структури и потешко се качуваат на скалата на хиерархија. Горда сум што може да кажам дека во Движењето ЗНАМ за наша Македонија немаме проблеми од ваков вид. Сите се чувствуваме еднакво важни и еднакво почитувани. Предрасудите не ги прифаќаме и единствен критериум за успех се само и само карактерните особини, професионалноста и квалитетите на една личност. Како таа ќе се вика, тоа воопшто не е важно. Со оглед на сево ова, и како политичка опција и како парламентарна група, а и јас лично, како претставничка на женската популација, правиме и ќе продолжиме да правиме сериозни напори за подобрување на статусот на жената во која било сфера од севкупното живеење, зашто сметаме дека само среќни, реализирани личности можат да придонесат за среќна, реализирана држава.

Поврзани вести