Skip to main content
Мајнл-Рајзингер на средба со Гаши

Австрија е подготвена да помогне во олеснување на можните разговори меѓу Македонија и Бугарија

Собрание

Претседателот на Собранието Африм Гаши на средба со министерката за надворешни работи на Република Австрија Беате Мајнл-Рајзингер ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за поддршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.

Гаши, како што информира собраниската прес-служба, исто така ги истакна одличните економски односи на двете земји, со оглед на фактот дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во Македонија.

Што се однесува до актуелната фаза на интегративниот процес, претседателот Гаши го потврди ставот дека Македонија бара решение кое ќе овозможи промена на Уставот, но во исто време ќе биде и гарант дека идентитетското прашање и други билатерални прашања во иднина нема да бидат пречки на патот на земјата кон ЕУ, се вели во соопштението.

Австриската министерка се согласила дека билатералните односи помеѓу двете земји се одлични и изразила подготвеност за нивно понатамошно продлабочување.

Таа изрази искрена порака дека Уставот треба да се промени, а Австрија ќе направи сѐ што е во нејзина можност за да нема понатамошни пречки во процесот на евроинтеграција. Министерката искажа и подготвеност на официјална Австрија да помогне во олеснувањето на можните разговори помеѓу Македонија и Бугарија, стои во соопштението.

Како што се наведува во соопштениеро, двајцата соговорници, изразија задоволство од средбата и отвореност за натамошна соработка. 

Поврзани вести