Skip to main content

АВМУ: Во периодот на предизборието не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во Извештајот од мониторингот на радиодифузерите во периодот од распишување на изборите до почетокот на кампањата за Локалните избори, односно од 10 август до 28 септември 2025 година, наведува дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик. Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните, но исклучок беа две телевизии, од деветте кои беа мониторирани.

Со мониторингот, како што посочуваат од АВМУ, биле опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МРТ 1, МРТ 2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести.

Акцентот беше ставен врз централното издание на вестите, како и врз посебните информативни емисии (интервјуа, дебати, соочувања) и врз другите информативни програми поврзани со подготовките за изборите. Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик, истакнуваат од АВМУ.

Во целиот период на предизборието, од 10 август заклучно со 28 септември 2025 година, во вестите на анализираните телевизии на државно ниво, како што стои во соопштението од АВМУ, имало малку информативни прилози (вести/вести во низа/извештаи) посветени на претстојните Локални избори.

Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, при што на публиката би ѝ се овозможило слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања. Исклучок беа две телевизии. ТВ Алфа не го почитуваше ова начело од квантитативен (одвоеното време) и од квалитативен аспект (преку позитивно врамување и тон во вестите и интервјуата за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и Владата и негативен тон и врамување во вестите за политичката партија СДСМ), додека ТВ Алсат-М ова начело не го почитуваше доследно поради негативниот тон и врамување за политичката партија ДУИ во прилозите од вестите, велат од АВМУ.

Јавниот радиодифузен сервис преку редовните информации (вести/извештаи/соопштенија) од Државната изборна комисија, ги исполнил обврските да информира за изборниот процес.

Телевизиските програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис емитуваа и дебатни емисии, меѓутоа не за соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата како што пропишува член 76-а став 11 од Изборниот законик, туку со политички аналитичари, кои ги анализираа направените анкети во врска со Локалните избори меѓу населението во неколку градови во Македонија на МРТ 1, односно предизборната реторика на Вреди и ДУИ на МРТ 2, истакнуваат од АВМУ.

Мониторингот покажал дека неколку комерцијални телевизии, исто така, вложиле напори Локалните избори 2025 година да ги анализираат и преку посебни информативни емисии (интервјуа, дебати и други информативни програми). – Интервјуа емитуваа ТВ Алфа, Канал 5, ТВ 21-М, ТВ Сител и ТВ 24 Вести, додека дебати организираа ТВ 24 Вести, ТВ Телма и ТВ 21-М, велат од АВМУ.

Извештајот од мониторингот на медиумското претставување за периодот од 10 август до 28 септември 2025 година е достапен на линкот.

Поврзани вести