Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска повторно го повика поранешниот вицепремиер Артан Груби да се врати во земјава за да ја докаже својата невисност во однос на обвинувањата дека тој и поранешниот директор Перпарим Бајрами проневериле околу осум милиони евра од Државна лотарија.
За предметните лица МВР постапи согласно своите надлежности во делот на отпочнување со една кривична постапка. Поднесене е кривична пријава до надлежното ЈО, понатаму процесот се води од стрна на јавниот обвинител. Во однос на тоа дека истите се недостапни на органите на прогон, за жал тоа е така. Но, барем еден од нив изјавуваше дека е невин и дека ова не е согласно закон постапка, која се води од државните институции. За да го докаже тоа, јас по не знам кој пат би го повикал доброволно да се врати во Македонија и при тоа пред органите надлежни за спроведување ваков тип постапки да ја докаже својата невиност заедно со неговиот партнер, кој што исто така е недостапен на органите на прогон, а постојат и тоа како основани сомневања дека истите поприлично душмански го краделе својот народ во изминатите години, рече Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нови моменти во однос на потрагата за овие две лица по отворањето на нова канцеларија на Управните служби на МВР во Желино, Тошковски нагласи дека од надлежните институции се работи во насока на нивно откривање, односно распишана е меѓународна потерница и за двете лица.
Доколку истиот не покаже доблест да се врати во државата која што го ранела повеќе од 40 години, ќе се постапи на друг начин за негово обезбедување пред надлежните институции, рече министерот посочувајќи дека е јасно пропишана постапката за екстрадиција за одредени лица кои се недостапни на законот.
Тој при тоа одби како што вели, да шпекулира каде се наоѓаат овие лица, бидејќи нема официјално потврдени информации до надлежните органи.
Министерството за внатрешни работи на 18 декември, лани, на барање на Јавното обвинителство, распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија, откако двете лица беа недостапни за органите на прогонот, а на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.
За Груби потоа беше објавено дека со дипломатско возило на еден познат стопанственик ја напуштил земјава и се упатил кон Косово, додека поранешниот директор на Државна Лотарија веќе подолго време не бил во земјава.
Артан Груби (47) е осомнничен за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“чл. 275-в ст.3 в.в. член 24. Заедно со Груби и Бајрами, осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски (50), како и уште пет лица.
Перпарим Бајрами (31) се сомничи за „злоупотреба на службената положба и овластување“ чл.353 ст.4, за „примање поткуп“ чл.357 ст.4 и за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ предвидено и казниво по чл. 275-в ст.3 од КЗ.
Стејт департментот на Соединетите Американски Држави на 9 декември лани, соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).