
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети најави дека следниот протест во поддршка на поранешните водачи на ОВК, на кои им се суди во Хаг, ќе се одржи во Скопје на 13 декември, со почеток во 13 часот. Според Ахмети, протестот ќе се одржи на плоштадот „Скендербег“, со цел „да се бара правда и да се покаже поддршка за ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг“.
Во Специјализираните совети во Хаг, на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими им се суди за воени злосторства извршени на Косово.
Ахмети ги повика Албанците да се приклучат на протестот, истакнувајќи дека е важно „да се демонстрира чистата борба за слобода и независност“. Тој веќе учествуваше на протестите организирани во Приштина и Тирана во поддршка на поранешните лидери на ОВК.
Реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Мицкоски оцени дека најавениот протест е обид на Ахмети да добие кредибилитет пред конгресот на ДУИ, но дека ваквите чекори ја потврдуваат тезата дека Ахмети „тешко ќе најде коалиционен партнер“ доколку продолжи со оваа политика.
„Нема поддршка од населението. Се предвидува марш од Чаир до Скендербег, но тоа нема да наиде на одобрение ниту од меѓународната заедница. Дополнително, ваквиот чекот ќе го направи уште понерелевантен фактор. Убеден сум дека Вреди нема да даде поддршка на маршот што Ахмети го најави за 13 декември. Знам дека на Али Ахмети му е тешко, но ова му е погрешен потег — сепак тој си знае најдобро,“ – рече Мицкоски на денешниот брифинг со новинари.

Македонски







