
Собранието денеска со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Собранието изгласа и заклучок – Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се основани. Овој заклучок да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.
Во интерпелацијата на Левица доставена до претседателот на Собранието Гаши, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје – се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владеела нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани биле и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, од 26 јуни. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.
Собранието ќе продолжи со работа по побараната пауза од пратеничката група на Левица.