На 10 февруари (понеделник) во 18:00 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи музичко-сценската пиеса за деца „Златната книга на Лудви“. Оваа волшебна театарска авантура е инспирирана од музиката на Бетовен и ќе ја разбуди детската фантазија преку приказна исполнета со музика, магија и незаборавни моменти.
Младиот Лудви Товенбе, тивко и мудро момче кое обожава книги и пијано, ќе се соочи со предизвици во училиштето, но една мистериозна книга ќе му ја промени судбината. Преку магијата на Златната книга и прекрасните звуци на Бетовен, тој ќе ја открие својата самодоверба и љубовта кон музиката.
Текстот е на музикологот Тина Иванова, која се појавува и како наратор и актерка, а заедно со неа, во улогата на Лудви и како пијанистка, настапува диригентката Дијана Имери-Илкоска. Ова е приказна што носи едукативни, забавни и комични моменти и создава волшебно искуство за најмладите.