Skip to main content

Завршија археолошките ископувања на ранохристијанската црква на локалитетот Градиште, село Пчиња

НУ Музеј Куманово

Археолошкото одделение од НУ Музеј Куманово ги заврши археолошките ископувања на ранохристијанската црква на локалитетот Градиште, село Пчиња, во Бислимска Клисура. Како што информираше раководителот, Дејан Ѓорѓиевски, истражувањата дале извонредни резултати, биле откриени нартекс, анекс и амвон.

Новооткриените елементи на црквата нартекс, анекс и амвон, покажуваат дека воопшто не се работи за некоја мала градба во мала населба. Напротив, развиената архитектура зборува за потреба од развиен литургиски чин на кој присуствувале поголем број на луѓе. Сето ова кажува дека тврдината во Бислимска Клисура претставувала развиена населба со подолг временски период на живеење, своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика, изјави Ѓорѓиевски.

Преку претходни анализи на снимките направени со ЛИДАР и ГПР, како и анализа на теренската ситуација археолозите користеле сонди за ископување. Анализите укажале за добро сочуван краен (западен ѕид) на црквата и можно постоење на анекс од јужната страна.

Сондите ги потврдија нашите очекувања, како што и претходно претпоставивме, црквата била долга 20 метри, широка 10,5 м, а на западната страна имала и нартекс (откриен оваа година), со димензии 10.5 м х 3,4 м. Западниот ѕид на нартексот е сочуван во висина од 1,7 м. Во нартексот се влегувало од јужната страна, и тоа преку посебна просторија – анекс, кој го откривме на крајот од ископувањата, за којшто не ја знаеме точната функција и големина, и кој ќе биде предмет на истражување следните години. Во централниот дел на црквата, покрај северниот стилобат, откривме поголем фрагмент од декориран камен со благо закривување, кој најверојатно го претставува горниот дел од амвонот (издигнато место за проповед за свештеникот, на кое се стигнувало по скали), па неговата точна локација исто така ќе биде предмет на понатамошните истражувања, објаснува Ѓорѓиевски.

Ископувањата беа целосно финансирани од Министерство за култура и туризам.

Поврзани вести