Skip to main content

Започнаа пробите за „Чорбаџи Теодос“ во Битолскиот театар

Народен театар – Битола започна со пробите за својата најнова претстава, познатата битова драма на Васил Иљоски, „Чорбаџи Теодос“. Истата ја режира Дамјан Димовски. Драмата напишана во 1937 година, којашто се смета за врвно уметничко дело на македонскиот драмски писател, е комедија на интрига инспирирана од анегдотата за присилното кумство. Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи. 

Истата ја носи пораката дека животот секогаш наоѓа начин да не соочи со сопствените неправди и да не врати на вистинскиот пат. Во претставата играат: Живко Борисовски, Марија Стефановска, Елена Моше, Никола Стефанов, Александар Димитровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски и Марија Цветановска. Премиерата се очекува на 26.мај.

Изминатиов период во Битолски театар беше промовирана Монографијата „80 години Народен театар Битола“, на авторот д-р. Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола, беше изведена премиерата „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа сезона НТБ ќе има вкупно 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Посетеноста на Битолскиот театар расте од ден на ден, па изминатите месеци немаше претстава во која имаше празно седиште. Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Во овој архив, покрај архивските документи од работењето на НТБ кои истовремено се дигитализираат со новиот софтвер за дигитално архивско работење кој е во функција од 01.01.2025 год, ќе се чуваат повеќе од 250 драмски текстови од претстави поставувани на сцената на НТБ а некои од нив стари и повеќе од 60 години. Со сето ова се создава вистинска ризница на книги и текстови кои се во категоријата на културно наследство, истите во најскоро време ќе бидат дигитализирани и достапни за пошироката јавност во е-библиотеката на НТБ.

Поврзани вести