Skip to main content
KSYPjfS_Kz4

Замолкна гласот на нашето детство, замина човекот со кој растеше Македонија

Некои луѓе не се паметат по годината кога се родиле. Ниту по денот кога заминале. Се паметат по чувството што го оставиле зад себе. Таков беше Гоце Тодоровски

Денес Македонија не се простува само од еден актер. Се простува од дел од сопственото детство, од сопствената младост. Не знам дали денешните деца ќе можат целосно да разберат зошто денес толку многу луѓе плачат за Гоце Тодоровски. Затоа што ние не изгубивме само актер. Изгубивме дел од времето кога Македонија беше поинаква. Кога имаше само неколку телевизиски канали, но милиони заеднички спомени. Кога не постоеја стриминг-платформи, видеа од десет секунди и алгоритми што ни кажуваат што да гледаме. Постоеја луѓе.

А еден од нив беше Гоце. Не го чекавме затоа што беше славен. Го чекавме затоа што беше наш.

За многумина, првата средба со Гоце беше уште кога не знаевме добро ни да читаме. Во „Бушава азбука“ буквите беа игра, а учењето беше авантура. Гоце беше тука. Потоа доаѓаше „Чук, чук Стојанче“. Тоа беше дел од нашето детство секоја недела, дел од времето кога целото семејство седеше пред телевизорот и ја чекаше новата епизода од омилената серија.

И таму се случи нешто што можат само најголемите актери. Гоце никогаш не играше лик, тукун стануваше лик. Беше селанецот што со итрина го победуваше посилниот. Беше комшијата што секогаш знаеше да каже нешто паметно. Беше човекот што сите сме го сретнале некаде – на чешма, на пазар, во маало или на село. Беше ѓаволот. Неговата игра беше толку природна што заборававме дека гледаме актер. Изгледаше како да не глуми. Како едноставно да живее пред камерите.

А потоа пораснавме. И Гоце порасна со нас. И таму Гоце беше токму она што Македонија најмногу го сакаше – обичниот човек. Не играше селанец. Не играше мајстор. Не играше комшија. Тој стануваше тој човек. Со една насмевка, со еден поглед, со една реченица знаеше да нè насмее повеќе отколку што некои актери успеваат за цел филм.

Во „Хихирику“ и „Театарче лево ќоше“ покажа дека хуморот не мора да биде гласен за да биде смешен. Дека доволни се еден поглед, една пауза и една реплика за цела Македонија да се насмее.

Во меѓувреме, на сцената на Драмски театар, неговиот втор дом, со речиси четири децении создаваше ликови што ја обележаа македонската театарска историја. Од првите претстави кон крајот на седумдесеттите, па сè до пензионирањето, одигра 43 улоги и стана едно од заштитните лица на театарот.

Играше во филмови како „Среќна Нова ’49“, „Тетовирани души“, „Викенд на мртовци“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“… Беше дел од телевизиски серии како „Итар Пејо“, „Трето доба“, „Булки кај шините“, „Трст виа Скопје“… Но, колку и да беше голем на сцената, Гоце никогаш не беше недостижен. Имаше нешто тивко и човечко во него, беше актер што сакаше да раскаже приказна. Затоа луѓето го сакаа.

Минатата година ја доби државната награда „23 Октомври“. Добиваше признанија, ордени и аплаузи, но неговата најголема награда никогаш не беше плакета. Неговата најголема награда беше тоа што успеа да биде дел од животот на речиси секое македонско семејство.

Денес, кога го испраќаме, сфаќаме дека не жалиме само за еден уметник. Жалиме за едно време. За неделите кога целото семејство гледаше иста програма. За детството во кое Гоце беше некаде таму, на телевизорот, а ние не знаевме дека создава спомени што ќе нè болат еден ден. Такви луѓе не си заминуваат кога ќе згаснат рефлекторите. Остануваат во репликите што сè уште ги повторуваме. Осџтануваат во ликовите што никој друг не може да ги одигра. И во едно чувство дека, кога ќе почне некоја стара снимка од „Македонски народни приказни“, ќе седнеме уште еднаш да го гледаме. Не затоа што не ја знаеме приказната. Туку затоа што во неа повторно ќе го сретнеме Гоце, ќе го сретнеме Ѓорги Колозов, ќе се насмееме со Ванчо Петрушевски, Димче Мешковски, Гоце Влахов…

Почивај во мир, Гоце.

Ти благодариме што не беше само актер. Ти благодариме што беше дел од нашите животи, што ни подари толку многу насмевки. И што направи едно мало парче од Македонија засекогаш да изгледа како дома.

Поврзани вести