
Студентите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) го организираат второто издание на студентскиот филмски фестивал фестивал „Хај-Фај“ од 30 мај до 1 јуни на ФДУ.
„’Хај-Фај’ е меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци“, велат организаторите на фестивалот.
Програмата за второто издание ќе започне на Академска сцена со „Meet the new kids“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности.
Фестивалот ќе биде официјално отворен со настан кино на отворено – проекција на филмот „Хај-Фај“ во режија на Владимир Блажевски на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/Електро факултет.
Официјална филмска програма е распределена за сабота и недела (31 мај и 1 јуни) на Академска сцена. Истата брои седум студентски кратки филмови, од кои два македонски и останатите на колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
По проекциите, ќе следува разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.
Годинава се доделуваат две награди – една од жири комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од „Синедејс“ фестивалот на европски филм (селекција на победник кој ќе влезе во селекцијата на ‘Синедејс 2025’).
Во склоп на едукативната програма на „Хај-Фај“ закажани се две предавања – „Casting 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, каде студентите ќе имаат шанса да се запознаат со кастинг процесот од блиску. Како и предавање на тема „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.
Закажана е и музичка ОФФ програма каде ќе настапи триото „TURBO XXX CLUB“ во петок и Александар Гроздановски – HERZEL во сабота. Музичката програма ќе се случи во бифето на Факултетот за драмски уметности.
Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на „ХАЈ-ФАЈ“ и Академска сцена.
„ХАЈ-ФАЈ“е поддржан од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Факултетот за драмски уметности, Младински културен центар – Скопје, Кинотека на Македонија, Машински факултет и ФЕИТ.