Skip to main content

Вработените во Македонската филхармонија и денеска излегоа на протест: За нив, велат, останува сомнежот дека конкурсот за избор на нов директор не се спроведува законски

Вработените во Македонската филхармонија и денеска во 13 часот излегоа на протест пред Министерството за култура и туризам. За нив, велат, останува сомнежот дека конкурсот за избор на нов директор на оваа установа не се спроведува законски.

„Културата не е задруга“, „Стоп за партизација во културата“, „Планирај не импровизирај“, „Од провремени решенија во вечни проблеми“…беше испишано на транспарентите кои тие денеска ги носеа на протестот.

На денешниот протест, Владимир Лазаревски од Синдикалната организација на вработените во Македонската филхармонија изјави дека на конкурсот за директор на Македонската филхармонија треба да се избере најквалификуваниот, а не партиски договорениот кандидат.

– Пред неколку дена министерот за култура и туризам Зоран Љутков во изјава за еден медиум рече одлуката кој ќе биде директор на нашата институција може да биде и политичка. Го повикуваме денеска министерот да ни одговори нам и на јавноста, зошто се спроведува конкурс, ако одлуката е политичка? Зошто се ставаат во нерамноправна позиција останатите кандидати? Како може одлуката да биде политичка, кога вработувањата не смеат да бидат предмет на договор меѓу политичките структури? Дали Љутков со оваа изјава и официјално потврдува дека департизацијата и мерит системот беа само декларативна предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали кандидатите треба да бидат врвни професионалци или да ја одразуваат политиката кои ја водат тие како партија, рече Лазаревски.

Тој побара одговор од министерот Љутков зошто, како што рече, по секоја цена на незаконски начин, се туркаат меѓу партиските договорени кадри. Како што напомена, имаат информација дека Мустафа Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат.

Додаде дека Комисијата веќе им дала рок на кандидатите кои не доставиле уредна документација, да ги достават потребните документи надвор од законот во рок од три дена.

– Со тоа се крши Законот за култура и условите од конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ и да се назначи договорениот кандидат за директор на нашата институција. Дополнителните изјави на вицепремиерот Изет Меџити за вработување на илјадници Албанци во јавната администрација, освен што одат во прилог на тезата за целосна партизација на јавната администрација, се уште се една потврда дека доколку се избере Имери, не се почитуваат ниту законите во оваа држава, посочи Лазаревски.

Тој бара и од премиерот Христијан Мицкоски да остане доследен на изјавата дека ќе се вработуваат компетентни кадри и дека ќе се почитува системот на заслуги, а не системот на партиски договори и списоци.

-Сегашниот министер за култура од позиција на опозиција, пред една и пол година застана во наша одбрана кога се соочувавме со проблеми предизвикани од претходната власт. Тогаш Љутков на социјалните медиуми напиша дека „Во квечерината на 80тиот роденден, Македонската филхармонија е исправена пред предизвикот да се биде или не!“ И дека ако порано со гордост вработените ќе кажеа дека се од Македонска филхармонија, од постапките на некадарните раководители и министри дојдоа до позиција да се срамат. И сега сме исправени пред голем предизвик, па затоа апелираме до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот Зоран Љутков да не дозволат сегашниот срам на вработените во Македонската филхармонија да биде срам за ВМРО-ДМПНЕ, за нивните коалициски партнери и за нашата држава, рече Лазаревски.

Ова е втор протест на вработените во Македонска филхармонија, откако претходно вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во интервју за 24 Вести посочи дека при поделбата на раководните функции во институциите, ВЛЕН ја добил Филхармонијата и дека директор ќе биде Мустафа Имери

Поврзани вести