Skip to main content

Рубио следната недела ќе учествува на состанокот на АСЕАН на Филипините

Американскиот државен секретар Марко Рубио следната недела ќе учествува на состанокот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините, соопшти американскиот Стејт департмент.

Според соопштението, се очекува Рубио да се сретне со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во рамките на подготовките за самитот меѓу претседателите на САД и на Кина, Доналд Трамп и Шји Џинпинг, кој е планиран за септември.

Во Манила се очекува да пристигне и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ќе учествува на консултациите со претставниците на 11-те земји членки на АСЕАН. На состаноците ќе присуствуваат и министри од Јапонија, Австралија, Канада и од Обединетото Кралство.

Форумот ќе се одржи во услови на засилена меѓународна нестабилност, нарушувања во глобалната трговија поради војната против Иран и растечки економски тензии во азискиот регион.

Стејт департментот соопшти дека Рубио ќе отпатува за Манила в недела, каде што ќе учествува на повеќе состаноци во рамките на форумот, а ќе има и билатерални средби со високи претставници на владите од Индо-пацифичкиот регион. Неговата посета на Филипините ќе заврши во четврток.

Иако САД и Кина сè уште официјално не потврдија средба меѓу Рубио и Ванг Ји, голем број аналитичари очекуваат таа да се одржи. Според нив, разговорите најверојатно ќе бидат насочени кон подготовката за втората овогодишна средба меѓу Трамп и Шји.

Американскиот претседател се сретна со својот кинески колега во Пекинг во мај, по што Трамп изјави дека Шји ќе ги посети САД кон крајот на септември.

Односите меѓу Вашингтон и Пекинг се стабилизираа по привремената трговска спогодба што Трамп и Шји ја постигнаа во октомври, но суштинските несогласувања остануваат. Според бројни аналитичари, односите меѓу двете најголеми светски економии влегуваат во нова фаза на „студена војна“.(МИА)

Поврзани вести