
Приватната здравствена установа за физикална медицина и роботска рехабилитација „ФизиоС Плус“ започнува со работа како современ центар во кој стручната медицинска проценка, класичните физикални методи и напредните роботски технологии се обединуваат во индивидуално приспособени програми за пациентите.

Центарот е создаден со цел да понуди јасен и стручно воден пат кон функционално закрепнување, подобрување на подвижноста и враќање на самостојноста. Услугите на центарот се наменети за лица со невролошки и мускулоскелетни состојби, пациенти по мозочен удар, операција или повреда на ’рбетниот столб, како и за лица со Паркинсонова болест, мултиплекс склероза, церебрална парализа, ограничена подвижност, хронични болки, спортски повреди и нарушувања на рамнотежата. Третманите комбинираат физикална терапија, електротерапија, магнетотерапија, ласерска терапија, терапевтски вежби, роботска рехабилитација и други современи методи.

Центарот ќе нуди и пристапи за вестибуларни и уролошки проблеми, меѓу кои вртоглавица, нестабилност, инконтиненција, ургентност, зачестено и ноќно мокрење, како и неинвазивна невромодулација и функционална проценка.
„ФизиоС Плус“ располага и со роботски асистираната рехабилитација, Lexo, роботски систем за тренинг на одењето, кој е единствен од ваков вид во регионот. Системот е наменет за пациенти со нарушено одење и овозможува контролирано и повторливо вежбање на правилната шема на движење, со приспособување на интензитетот и поддршката според функционалните можности на секој пациент.

Во центарот е достапна и современа технологија за проценка и третман на проблеми долж ’рбетниот столб. SpineLiner овозможува прецизна проценка на одделни сегменти на ’рбетот и контролирана механичка стимулација со приспособена сила. Методот може да се применува кај пациенти со болка и напнатост на паравертебралната мускулатура, дискус-хернија и функционални или постурални нарушувања, секогаш по претходна лекарска проценка.

„ФизиоС Плус е создаден со цел на пациентите да им овозможиме пристап до современи методи што досега најчесто ги бараа надвор од земјата. Со индивидуална проценка, стручно водена терапија и примена на роботски системи сакаме да им помогнеме повторно да ги активираат изгубените функции, да бидат понезависни и да имаат подобар квалитет на живот“, вели д-р Павлина Будиќ, специјалист по физикална медицина и рехабилитација во ФизиоС Плус.
Дијагностичкиот и терапевтскиот пристап ФизиоС Плус е дополнет со еходијагностика за проценка на мускулите и меките ткива, како и со Shockwave терапија кај одредени хронични болни состојби, промени на тетивите и калцификати или остеофити.

Секој пациент во ФизиоС Плус ќе добива програма според дијагнозата, возраста, функционалниот дефицит, моменталната подвижност и личните цели. Во процесот, зависно од потребата, може да бидат вклучени физијатар, физиотерапевт, логопед и други стручни лица, бидејќи успешната рехабилитација не зависи само од апаратот, туку од правилната проценка, стручно избраната терапија, активното учество на пациентот и континуираното следење на напредокот.
Целта на центарот не е само да се намалат болката и ограничувањата, туку пациентот повторно да се движи посигурно, да ги користи рацете во секојдневието, да ја подобри рамнотежата и да се врати кон семејните, професионалните и социјалните активности. Современата рехабилитација значи враќање на функцијата и независноста, а не само спроведување серија процедури.
За повеќе информации за ФизиоС Плус на линкот.



Македонски



